X
 18.09.2017 Култура

КОЛУМНА: За „нормалното“ и „ненормалното“

Колумна на Наталија Тасевска

Седејќи во дневната соба и размислувајќи, денес ми текна да допрам тема што ни Господ не се осмелува да ја допре, затоа што е премногу табу. Живееме како дел од шаблонот. Општо познато им е на сите кога одиме да јадеме, спиеме, пиеме. Се знае кој алкохол се пие наутро, кој навечер, што пијат жените, а што мажите. Ни диктираат кога да се смееме, кога да пееме, кога да плачеме и како да ги прославиме успесите. Се знае на колку години се стапува во брак, а на колку години си веќе стара мома. Се знае дека треба да имаш две деца и да ги запишеш на курс по англиски јазик и информатика. Ни диктираат кога и што да облечеме. Впрочем, само „лудите“ шетаат во пижами на улица. И штом некој отскокнува од шаблонот, инквизицијата му ја сече главата и овците продолжуваат мирно да си пасат во комфорната зона која ги пружа потребните бенефиции и овозможува привидно „нормален“ живот кој нè претвора во марионети со закржлавено чувство за толеранција.


Фото: Pixabay

Темата што овде би сакала да ја дисецирам се хомосексуалните бракови. Јас не можам да разберам што една еманципирана единка од општеството може да има против геј-бракот. Овој проблем не се јавува само кај нас, тој е насекаде во светот. И сè додека постои не може да одиме напред. Сакаме да патуваме на други планети, а ни предрасудите не можеме да ги прескокнеме. И ќе се јават „религиозните“, ќе се повикаат на Библијата, а неа во животот не ја прочитале. Библијата тоа не го дозволувала... А колку многу работи Библијата не дозволува мои „посветени“ христијани, па сепак ги правите. Ќе се јават и „стручните“ и ќе се повикаат на биологија, а хомосексуалноста се среќавала и се среќава и кај животните. Неважно. Двајца луѓе од ист пол се сакаат и решиле да излезат на улица да се прошетаат држејќи се за рака. Тоа не значи дека треба веднаш да се вадат палките од панталони, само за некој да покаже дека ги има. Рекоа „стручните“ лица не било природно. А природни се машините за перење што ви пливаат во реките? Природен ли ви е воздухот што го дишеме? Храната што ја јадеме? Природна ли ви е околината во која живееме? Сива е и метална. Немој да ми се повикувате на Адам и Ева само тогаш кога ви одговара.

Две семејства: едното е двајца татковци, другото е мајка и татко и третото е две мајки. Зошто само онаа опција во средината ни изгледа нормална? Мајка и татко отуѓени еден од друг, постојано се расправаат и се под стрес, ама сепак тоа е понормално од две мајки што се сакаат. А нели важна во семејството беше љубовта? Нели не беше важно колку имаме, ниту какви сме? Нели потребна му е само љубов на детето за да израсне во здрав и „нормален“ човек? А сепак изгледа важно е. Зарем не е подобро да имаш двајца татковци или две мајки кои се сакаат и ти овозможуваат да растеш во мир и хармонија опсипан со пари и љубов отколку мајка и татко кои секојдневно се расправаат и трескаат врати? Кое дете ќе израсне во позрела индивидуа? И се прашувам колку време ќе ни треба нам како луѓе за да го прифатиме тоа? Колку време ќе му треба на светот за боите на виножитото да му станат секојдневие во желудникот. Јас не можам да разберам како оние „еманципираните“ - моите колеги во костуми и со вратоврски не можат да прифатат вакво нешто. Не можам да разберам зошто им пречи кога лично не ги погодува нив. Не знам како двајца мажи и две жени што се држат за рака им ја поматуваат идилата, а бомбите во Сирија им се нормални. Не знам како илјадници бегалци на границите не им пречат, ама двајца млади од ист пол кои се држат за рака им ги печат очите. Не знам како не скокаме кога деца некаде во светот умираат од глад. Не знам како молчиме пред семејното насилство и тоа го дефинираме како „не е моја работа“, ама кога ќе видиме геј-брак, тогаш секој има време и можност да скокне и да си ги брани идеалите. Бедно! И не, тоа не е недостиг на образование, тоа е недостиг на воспитание.

Недостиг на толеранција. Пред да бидеме мажи или жени ние сме луѓе и затоа љубовта меѓу двајца мажи и две жени е пред сè љубов меѓу двајца луѓе. Впрочем, кои сме ние за да судиме? И ве молам немој да ми се повикувате на библија или на биологија. Библијата одамна не ја почитувате, а биологија слабо знаете. Повикајте се на математика. Ако има петмина различни од вас и вие сте различни од петмина. Немој да очекувате вас да ве прифати стадото како „нормални“ ако вие не ги прифаќате деформитетите на поединецот. Медиокритету, голтни ги предрасудите, нека ти се стопат во желудникот и нека потечат како реки кои ќе ја донесат конечната слобода. И колку и да звучи клише, јас ќе се повикам на класичната реченица: „Живеј и пушти ги другите да живеат.“

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.
Подготвил: Наталија Тасевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура