Големите мисли умираат со големите мислители, а големите зборови умираат со годините. Но, не сите и не целосно. Некои ќе опстанат, останувајќи врежани во каменот наменет да биде патоказ – или можеби надгробник на една ера, на една историја, на еден човек, на една планета. А на него ќе пишува „Живеј и остави ги другите да живеат!“ – или „Претставата заврши, аплаудирајте!“ А можеби нема да пишува ништо бидејќи и онака ќе нема кој да прочита. Бездната ја повикува бездната, еден грев води кон друг. И тука е крајот на човештвото какво што го познаваме – прирачник за самоуништување и потреба за доминација.
Фото: Pixabay
Пред да продолжам, би сакал да разјаснам дека не станува збор за територијална, расна или за каква било слична надмоќност, туку за онаа што се врши врз оние без глас – животните. Иако звучи смешно, уверен сум дека вистината е далеку од комична и е присутна насекаде, истовремено. И додавам: „Сè додека луѓето колат животни, тие ќе се убиваат и меѓу себе. Навистина, оној што сее смрт и болка не може да жнее љубов“. (Питагора)
Завесите паднаа и претставата дури сега започнува. Пред гледачите е прикажан проблем. Решението на проблемот е едноставно, како и самиот проблем, но далеку е од лесно. Впрочем, самото решение е премин кон веганскиот начин на исхрана и живот во хармонија со животните без нивна злоупотреба.
(Да претпоставиме дека претставата е отсликување на реалниот свет и нејзиниот крај значи крај на светот. Притоа на сцената се прикажани два лика, секој со навидум различен став, само за да може да се продолжи како што е и да трае што подолго.)
ПРВИОТ ЛИК: „Јас го гледам светот со очите и видов дека не ми е потребна исхрана со месни и млечни производи, нездрава е. Видов и дека месната и млечната индустрија се меѓу најголемите загадувачи на Земјата“.
ВТОРИОТ ЛИК: „Јас го гледам светот со срцето и почувствував дека не ми е убаво да повредувам животни за задоволување на апетитот, неморално е. Ја почувствував и нивната болка како своја, ме болеше“.
И така, претставата продолжува, а можеби трае и до ден-денес. Сцените се менуваат и сè повеќе ликови се приклучуваат на бината, некои со слични, а други, пак, со сосема различни ставови. Но, тоа не им претставува пречка да го убедат оној што греши дека светот треба да се гледа и да се чувствува и со очите и со срцето.
Одвреме-навреме ќе се најде по некој лут гледач што ќе се осмели да му викне на режисерот, кој стои настрана и љубопитно набљудува, како воопшто се дрзнува да изрежира ваква претстава во време кога гледачите се соочуваат со многу покомплексни политички, социјални и еколошки проблеми; секој од нив со стравични последици за светот.
И ќе згреши, се разбира, затоа што борбата за правата на животните е исто толку значајна. За тоа сведочат и протестите за убиството на кучето Идриз. Главниот проблем е што низ нашата призма сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите. Ќе дојде време кога луѓето ќе станат како режисерот и ќе го презираат убивањето животни, како што го презираат и убивањето луѓе.
Тогаш каменот ќе биде вистински патоказ.
Автор: Виктор Ефтимов
Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.