Фото: @ZmajPoemography
Колумна на Марија Грубор
*
Aloha!
Добре дојдовте во мини-серијалот „Џиш!“
Овој сегмент од мојот серијал колумни е посветен на заедничко промислување на неколку сочни и табуизирани концепти, уз кафе/пијачка и многу тутун (speaking for myself there).
Темите ќе ги одбирам на сосем рандом-начин, според тоа што ме инспирира во тековните разговори со пријателите и соборците – а особено случајно сретнатите соговорници со кои често длабам вакви теми. Во „Џиш!“ е вклучена „ЏИШ-ТЕМА #3:Манипулација“, оваа колумна и наредните четири, така што ако имате несопирлива желба да ми предложите ваша омилена џиш-тема, пишете ми на psihoaktif@gmail.com. Покрај тоа, се разбира, на овој мејл можете да ми пишувате и буквално сѐ (се разбира, само доколку припаѓање на поинтелигентни индивидуи од оние што од милост ги нарекуваме „хомо без’рбетникус“) што ќе ви падне на ум.
*
ЏИШ-ТЕМА #2: Слобода
Не ми се пишуваа колумни деновиве.
Затоа, оваа среда ќе експериментираме со нешто-налик-поезија, fresh from the oven.
(Башка, веќе го пробив рокот за испраќање на „колумнава“ и сега ме мрзи да измислувам топла вода во 15 за 12.)
Buckle your seatbelts, okay. My poetic style is a bit… bumpy, grumpy and uneven on the edges?
За слободарцките работи
како што веќе ви спомнав еднаш одамна,
јас сум малечка
и сакам да прашувам!
[бидејќи малку разбирам?]
но, истовремено, имам и една многу детинеста,
тајна интелектуална фантазија.
имено,
многу обожавам кога зборот „слобода“
се наоѓа запечатен,
врело како бакнеж
или тазе потковица,
на усните на моделите на рекламите,
во тефтерите на политичарите,
во iPhone-ите на омладине,
во iPad-ите на двогодишниците,
во писанијата на дежурните медиумски третосменци,
во лудачкиот сјај во очите на Трампови,
во рефрените на екс-грејнџерите,
во психоделичните дискурси на трансерите,
во сериските кодови на дроновите,
во телата на ќерките на нафташите,
во малограѓанските кокошарници,
во скорпискиот отров некритично излеан на социјалните медиуми,
во телевизиските јавувања од страна на средовечни мажи
кои еднаш, таму некаде, ја прочитаа
„50 Shades of Gray“
кога нивните сопруги
голтаат мартинија
со капки солна киселина.
исто, многу ми е симпатично
кога „Слобода!“
е врежан,
прецизно и храбро
во тестисите на Коњот на Воинот,
во религиозните книги со тврд повез
и во преданијата на Хунзите.
или уште подобро:
кога блеснат како оникс
во прес-конференциите на терористите,
мислам револуционерите,
овај де фанатиците,
сакав да кажам оние пер со пушкине,
или
во милосрдието на фашистите,
Газдите или мекотелите,
супер-хероите, таблоидите
и наравно
во советите добиени од
енергетските вампири
во малиот космос наречен
The Land of The Sun.
или
начкрабан со креон на излупените ѕидови на робијашките ќелии,
можеби и насликан на голите, одлични, мошне силиконски гради
на транс-родова gay активистка со аутизам, Кронова болест,
додека протестира ЗА основното право за добивање на услугата педикир
за дотогаш дискриминираните
кучиња-феминист(к)и со три нозе.
впрочем (колку секси збор, нели?).
јас просто се возбудувам додека наслушнувам додека
магичниот, шармантниот, сексапилниот,
недофатливиот, арогантниот, пребогатиот, ужасниот, ограничувачкиот,
манипулативниот, бирократскиот, патетичниот, интимниот,
шизичкиот, ризичниот
и мошне, мошне змајски збор: СЛОБОДА
доаѓа,
така знаете милозвучно и суптилно
како слонски тропот по Земјава намачена,
како несмасни Сизифовски камења кои се тркалаат од Св. Пантеле
кон нихилистот Вардар,
од површината на неокортексот на некои платени мегафони,
од глувците кои живеат во канализацијата
врз која пишува „Коце Металец“ (!)
на двеста метра од еден јагленосан натпис
колективно студио МАТЕКС
просто: хууух!
еве, се насолзувам од среќа кога го чувствувам како вибрира,
од поетичните грла на самопрокламираните пророци,
исцелители, водачи, анархисти, бајачки, хеликоптер-мајки,
а исто така и од бебиња со „Че Гевара“ маички (ќе ти ја купам, Б.),
или од мастилавите чакри
на „ранети елени“ (прашај ме друг пат)
и „несфатени уметници“ (...)
дури и затреперувам како пролетен лист во есен,
само тогаш кога
њу-ејџ, хипи конзумеристи
и Stradivarius-raised млади зелки
ми го говорат,
нежно, уз контрабас, на увце:
Слобода! Појако! Ох, Слобода!
притоа куцкајќи на компјутерчиња
во коцкички
во зградички
во гратчиња
во ДНКта на своите
идни деца,
мрморејќи spell-ои врз коските на
претците кои загинаа
со срце вперено кон небо
во партизаните.
но има едно нешто, едно посебно,
толку валкано,
злокобно перверзно нешто,
кое мене ме пали повеќе од сѐ друго:
кога Господарот
на својот Роб
токму во секундата пред да фрсне камшикот
како невоспитана молња сред анксиозна луња
ќе му рече:
Те Жртвувам
Во име
На
Слободата.
Добра ноќ и бидете среќни!
Автор: Марија Грубор
Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.