X
 13.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Поместување на границите


Извор (Pixabay)

Колумна на Викторија Митевска

Промена на видикот, проширување на хоризонтите, излегување надвор од границите...

Секој има потреба да искуси нови работи, да се фасцинира од светот. Сепак, колку и да мислиме дека сè е така сиво, грешиме. Светот плени со убавини кои секој заслужува да ги види и тој поглед да го зачува во себе за потоа да раскажува за нив со љубов и лицето да му плени од радост кога ќе се потсети на нив.

Зошто сè уште стоиме в место? Секоја чест на исклучоците. А и впрочем, зарем би требало да се задоволиме со дел од колачот? НЕ, секако дека НЕ. Постојат луѓе, култури, традиции, обичаи и безброј живописни пејзажи, божествени места кои чекаат на нас – вистински културни богатства.

Патувањата едноставно значат исполнетост и среќа. Колку повеќе патуваме, толку подобро се осознаваме себеси како личности, созреваме заедно со светот. И не само тоа, многу често може да се доживее и целосна трансформација. Да, се менуваме, стануваме посигурни во себе и во нашите можности, се приспособуваме на околината и на луѓето околу нас со леснотија, сè почесто запознаваме нови пријатели, сакаме повеќе да се дружиме, едноставно сме посреќни.

Како што излегуваме од границите, истовремено се зголемува и желбата да пробаме нешто ново, да посетиме ново недопрено, скриено парче од светот, некој нов прекрасен ,,дијамант“ кој сведочи за светската историја. Да откриеме нови богатства, да ги надоградиме знаењата и себеси, постојано да влетуваме во нова авантура и да се втурнеме во длабочините на морето, да ги прекршиме правилата. Време е да излеземе од нашето помалку досадно, а можеби и премногу удобно секојдневие (посебно за тие што никогаш не го направиле тоа).

Да, можеби храната ќе биде лоша, ќе го пропуштиме летот, ќе појдеме во погрешна насока, временската прогноза нема да ни оди во полза, но тоа е дел од авантурата. За да се доживее целосно и вистински, треба да се биде храбар и слободен, со авантуристички дух, незапирливост и желба да се оди докрај. Токму неочекуваното и неизвесното е она што е интересно, а не она што однапред го знаеме и планираме. Неочекуваните ситуации се оние што нè прават посигурни и спремни да се приспособиме и да соочиме со она што нè очекува понатаму во животот.

За патувањата може да се зборува уште многу, многу долго. Но она вистинското не е да се зборува, ами да се доживее. Тие се безвременски.

Не заборавајте, секое патување е приказна само за себе, не менува нас, нашиот живот, без оглед дали е само неколку денови или трае подолго.

Затоа, патувајте и проширете го хоризонтот, постојано негувајте го копнежот за запознавање на непознатото, далечното и мистичното. И не чекајте да ви заврши започнатата авантура, веднаш планирајте и впуштете се во наредната!

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни