Колумна на Наталија Тасевска
Другар ми вчера си ги спакува куферите и си замина. Туѓината пуста да остане. Далеку е Америка. Овие и уште неколку наслови ги прочитав неделава по порталите. Пишуваат дека луѓето си заминуваат од Македонија. Емигрираат во потрага по подобро утре. Заминуваат како студенти, како дипломирани, како средношколци затоа што се убедени дека таму некаде ќе живеат поквалитетно. И јас немам право да им судам. Јас потполно ги разбирам. Тие имаат милиони причини да си купат карта во еден правец и да заминат некаде каде што мислат дека ќе им биде подобро.
Деновиве времето го поминувам со Кинези и Индијци кои се така различни од нас, па некако ме тера на размислување за татковината и за она што се случува со неа. Не, не јас не се спакував и не си заминав, не е оваа мојата трогателна приказна за еден живот некаде далеку. Јас заминав само да видам што има во светот и ќе се вратам во Македонија да дипломирам, зашто нели така мора, а потоа ќе видиме. А сепак кога би добила шанса да заминам, веројатно и би заминала, што знам. Би оставила сè свое да гние под командата на Заев и би заминала. Ама не затоа што јас сум длабоко убедена дека во Македонија нема работа или дека во Македонија не може да се живее добро, туку затоа што сакам да го истражувам светот. А во светот не е така лесно. Парите не растат на дрво. Мислите лесно е да се појавиш таму каде што никој не те познава и да бидеш свој и почитуван. Мислите лесно е да влезете во друга држава и да барате да бидете инженери и лекари и не знам што, а немате никакво искуство. Ќе ве почитуваат онолку колку што сте се потрудиле, ниту повеќе ниту помалку. И овде, и во Америка, и во Германија, и во Италија. Во Македонија немало работа. Завршиле тие два факултета. Станале правници и филозофи. Четири години ниту волонтирање, ниту комуникација, ниту искуство надвор од факултетот. И си дипломирал, мама и тато купиле капа, си се сликал и сакаш некој дома да ти дојде и работа да ти даде. Таква работа нормално дека нема. Не сакаме да работиме ниту како волонтери, ниту како асистенти, нели ние сме со диплома. А кога бевме без диплома, што правевме тогаш? Ништо. Тие исфорсирани дипломи доведоа до овде. Да имаш диплома во држава во која и полуписмените запишуваат факултет не е big deal, треба нешто повеќе. Е поради таквите со два факултета, би си заминала. Или уште подобро би ги пратила нив некаде во тоа „странство“ за кое толку многу мечтаат, да видат дека и таму се почнува од нула и дека никој од дома нема да ве извади и да ве однесе на работа. Друга причина поради која би заминала од Македонија е тоа што овде стандардот е низок, а платите уште пониски. А сепак тука живеат луѓе кои сметаат дека келнери и лекари треба да имаат исти плати. Не може. Се сложувам секоја професија е важна, ама ве молам не може да дадете иста плата на лекар и на келнер. Не може и крај. Не може на келнер од „Пошта“ да му дадете 20 000 денари и лекарка да пуштите во некое бедно село и да ѝ дадете 20 000 денари. Да ви се плукнам у утопијата. Деградирачки е. Секому според одговорноста. Човечки животи и скршени чаши. Што ви вреди повеќе? Би заминала од овде затоа што луѓето се кукавици, тие растат убедени дека овде нема работа без партиска книшка.
Дремат пред компјутер и се жалат на претседателот, политичката партија на власт, на Русија, Америка итн. Имале тие два факултета. Гајле ми е. Тоа се кукавиците што редовно напоменуваат дека ќе заминат некаде далеку, а никогаш не се осмелуваат да го направат првиот чекор, затоа што ниту знаат јазик ниту, пак, се подготвени да излезат од комфорната зона. Мислите така лесно е да се повлечат куферите и да се тргне во непознатото. Сите зборуваат за заминување, а никој не се осмелува. Ќе заминат во Германија и ќе се жалат имало многу работа. Е филмот е таму да ги заработуваш, а овде да ги трошиш, поинаку секако дека нема пари, а има многу работа. Мрзливи сме. Оние доволно добрите успеаја во животот, дали овде дали таму некаде во светот и секогаш ќе биде така. А кукавиците ќе останат овде да се жалат и да бришат гениталии на оние што се на власт.
И не, не е ова трогателна приказна за другарка ми која плачејќи замина. Другарка ми денес не си ги спакува куферите и не си замина. Таа не ги ни отпакува своите. Остана во Сиетл зашто мислеше дека така е подобро и јас не ѝ судам, јас немам право да ѝ судам. Ја бакнав на разделба и не плачев, се преправавме дека утре пак ќе се видиме и сè ќе биде нормално. Онака како што треба да биде во нашата замислена утопија каде што не може секој да заврши факултет, а камоли два.
Автор: Наталија Тасевска
Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.