X
 23.09.2017 Култура

Истражување: Децата повеќе се трудат ако го гледаат вашиот напор


Дете реди коцки со помош на мајка си
(Фото: iStock)


Децата на возраст од околу 15 месеци можат да бидат поистрајни во постигнувањето на целта ако ги гледаат возрасните како напорно се обидуваат да се борат со задачата пред да постигнат успех, покажа новата студија.

Резултатите сугерираат дека родителите би можеле да имаат корист ако им дозволат на децата да ги гледаат додека се мачат да ја постигнат целта.

„Ако му покажете на децата дека напорната работа секогаш успева, може да ги охрабри и тие исто така вредно да работат“, заклучија истражувачите во извештајот што е објавен во списанието Science.

Бебињата кои учествувале во испитувањето не ги имитирале возрасните во начинот на кој работеле. Тие биле соочени со поинакви предизвици и покажале дека ја усвоиле главната лекција за значењето на истрајноста во исполнувањето на задачите.

Истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс извеле три експерименти во кои биле вклучени 262 деца на возраст од 13 до 18 месеци, претежно 15-месечни деца.

Резултатите покажале дека „децата можат да ја научат вредноста на напорната работа од само неколку примери“, истакна авторката на студијата Лаура Шулц.

Студијата не утврдила колку долго траат ефектите, ниту покажува дали родителите би можеле да постигнат исти резултати со своите деца, но како што наведува коавторката Џулија Леонард, не би било лошо истата практика да се испроба и на сопствените деца.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура