X
 20.12.2017 Наука

Пронајден најраниот директен доказ за создавање на животот на Земјата?

Најстарите фосили биле пронајдени во Западна Австралија. Микроскопските фосили стари 3,5 милијарди години се најстариот директен доказ за животот на Земјата и благодарение на дополнителните анализи и студии од научниците, сега е можно повеќе да се разбере потеклото на животот.


Во спроведената студија биле опишани 11 микробиолошки фосили. Се открило дека некои од видовите се истребени микроби од групата „Archaea“, а некои се слични со оние што постојат денес. Научниците одредиле дека фосилите се примитивни, но различни групи организми. Студијата, исто така, овозможува увид во начинот на кој организмите би се развиле и би живееле на планета без кислород, во најраните моменти на живот на планетата Земја.

Со години критичарите тврдеа дека пронајдените фосили се само чудни минерали од некакви биолошки видови кои биле заробени во поголема карпа. Но овие нови откритија покажуваат дека фосилите, всушност, имаат биолошко потекло.

Пронајдени биле бактерии што произведуваат енергија од Сонцето, бактерии што произведуваат метан и бактерии што консумираат метан. Се верува дека метанот, пред кислородот, бил важен дел од Земјината рана атмосфера, па присуството на овие бактерии може да им помогне на научниците да разберат како преживеале организмите во такви услови.

Студијата помага не само во разбирањето на начинот на кој се формирал животот на Земјата туку и да го прошири нашето истражување за живот надвор од Земјата. Со поголемото разбирање за тоа што било потребно за создавање на животот на Земјата ќе се зголеми и знаењето за тоа како може да се создаде живот на други планети.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука