X
 29.09.2017 Живот

„Бизнис-кафе“: Успешниот менаџер никогаш не смее да престане да учи!

Човек никогаш не смее да престане да учи. Ако престанете да учите, тоа е како да престанете да пливате во река. Ако престанете да пливате, се враќате назад и другите ќе ве стигнат. Живееме во динамичен свет, знаењата што важат денес не важат утре и ако не држите чекор со тие трендови, едноставно вие не играте во таа лига. Концептот на континуирано учење е суштинска потреба, не е флоскула – рече Зоран Мартиновски, менаџер на Меѓународната финансиска корпорација за Македонија и за Црна Гора, синоќа на 25. „Бизнис-кафе“ што се одржа во барот „Дистрикт“ во хотелот „Мериот“.



Мартиновски заедно со Јелена Арсовска, директорка во „Меккен“ – Скопје, и Ранко Петровиќ, сопственик на скопското радио „Бубамара“, пред стотина гости од бизнис-секторот ги споделија своите професионални искуства. Како почнале, што е најважното што го научиле, успеваат ли да одржуваат баланс помеѓу семејствата и професијата, ова беа редици теми што беа отворени, а на кои гостите со задоволство разговараа со Катерина Котларевска-Маневска, организаторка на „Бизнис-кафе“, и со водителот Огнен Јаневски.



Арсовска започнала во агенцијата „Сачи и Сачи“ во административен дел. Но, брзо се вљубила во работата во маркетинг-агенција и во тој сектор е 18 години. Таа вели дека маркетинг-индустријата кај нас не е премногу сменета, освен во однос на технологијата што се користи. Нагласува дека е многу важно да се изнаоѓаат интересни начини за да се промовираат компаниите.

-Поентата на адвертајзинг-бизнисот се луѓето. Едукацијата, соработката, пријателствата што постојат во рамките на агенцијата ја прават моќна и креативна. Јас како менаџер од моите колеги барам да бидат човечни, да си помагаат, да бидат коректни со клиентите. Човечноста заедно со домашното воспитување е пресудна за овој бизнис – вели Арсовска.



На прашањето на Факултети.мк како ги мотивира своите вработени, Арсовска вели:

-Се трудам да бидам пред сè фер кон вработените. Мислам дека луѓето и кога ќе направат грешка, треба да разберат зошто ја направиле, треба да научат нешто од таа грешка, а не треба да бидат искарани. Грешката треба да ги мотивира. Не сметам дека правењето грешки е страшна работа, тоа е процес на учење. Се трудам максимално да им помогнам, ако гледам дека многу остануваат на работа, и низ разговор да ги поучам.

Сите се согласија дека многу е тешко да се балансира помеѓу приватното и професионалното, но дека пресудна е поддршката од семејствата.

Банкарот Зоран Мартиновски 15 години е дел од најголемата меѓународна финансиска институција што го поддржува приватниот сектор. Поминал низ повеќе индустрии и бранши. „Самит Македонија 2025“ е негова иницијатива, односно платформа која во Македонија носи светски профили, корпорации, шест години по ред.



Мартиновски смета дека човек не треба никогаш да престане да учи.

-Живееме во динамичен свет, знаењата што важат денес не важат утре и ако не држите чекор со тие трендови, едноставно не играте во таа лига. За да бидете добар менаџер, иноватор, треба да ги насетувате трендовите, да ја имате предноста на првиот потег. Тоа го научив и јас, за да го работам ова, морам континуирано да учам и да работам на себе, да бидам добар во знаењето, подобар во тоа како го трошам сопственото време, за сè уште да можам да играм во таа лига – вели Мартиновски.

На прашањето како ја гледа Македонија во 2025 година, тој вели:

-Би сакал да ја видам стабилна, безбедна, перспективна, земја од која нема да се иселуваат млади луѓе, земја во која веќе иселените ќе се вратат и овде да бидат успешни. Треба да одат надвор и да се враќаат и пак да одат и да се вратат. Единственото вистинско мерило дали една земја е добра за живеење е дали луѓето сакаат да живеат во неа. Работата ме однела на сите континенти, Македонија е фасцинантна, како и Балканот, има убави луѓе, храна, природа.

Банкарот открива дека дружењата со пријателите и хобијата му даваат енергија. Неговото мото е да остане вечно млад во размислувањата, свеж во мислите.

- Сакам да спортувам, да учам, да се разбивам. Ме фасцинираат духот и енергијата на исполнети луѓе, кога ќе видам младост во очите на човек во позрели години, и да бидам вечно млад.

За разлика од Мартиновски, професијата на третиот гостин, Ранко Петровиќ, е од сосема различен сектор. Првиот човек на популарното „Радио Бубамара“, идеoлог на Крушевското туристичко востание и на многу препознатливи еколошки и општонародни неуспешни акции, сподели многу анегдоти за своите почетоци во радиокултурата, во која заедно со своите пријатели има огромен придонес.



-Во 1990 година го формиравме Младинско радио - единственото радио што работеше во четврток. Бевме средношколци, имав 20 минути емисија. Ги слушавме постарите колеги на Македонско радио и сакавме некој ден и ние да бидеме како нив. Направивме предавател кој зрачеше во вкупно шест згради и бевме главни во маало.

Петровиќ објасни зошто токму бубамара е во името на радиото.

Имено, поради тоа што „луѓето најмногу се радуваат кога овој инсект ќе им се приближи на рака. Има одлична симболика за енергијата што сакаме да ја покажеме и да ја шириме. А сакавме да биде македонско име, а не со странски како што беа речиси сите радија во тоа време“.

Во 1992 година го формирале и Студентското радио, чија локација била во Студентскиот дом „Гоце Делчев“. Тегла ајвар била пропусница за сите млади што сакале да ги посетат во „студиото“.



-Вложивме преголем ентузијазам и енергија, вистинска револуција. Во тоа време немаше свест за маркетинг. Малите бизнисмени не сакаа многу да ги знаат во јавноста. Од љубов работевме, а и денес е така, не ни се најважни парите. Беше тешко да се работи, пуштавме музика од касети, од плочи, носевме од дома. Ни беше желба да нè препознаваат како име и добра музичка станица – вели Петровиќ.

Тој признава дека е горд на успехот на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“. Од околу 2.500 радиостаници од поранешните ју-простори, ова е најгледана ТВ-манифестација, нагласи Ранко.

-Создаваме вечер за паметење. Нам ни е најважно дека знаеме дека сме направиле нешто убаво за многу луѓе. Не сме имале ниедна лоша реакција од политичари, освен кога не го разбрале вицот. Од претходната власт не ни правеле проблем зашто немаме допирни точки со нив, немаме буџет од Министерство за култура, а и не ни сакаме. Сакаме да си го зачуваме нашиот дијамант – категоричен е првиот човек на „Бубамара“.

Во вториот дел на вечерта гостите на „Бизнис-кафе“ имаа можност и за неформални средби и запознавања, со цел да развијат и потенцијални соработки.



Повеќе фотографии од настанот можете да погледнете на ОВОЈ ЛИНК


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот