X
 01.10.2017 Култура

Што треба да знаете за референдумот за независност на Каталонија

katalonija
Фото: Reuters

Не е често плебисцитот да е забранет во демократија, но токму ова се случи на референдумот во Каталонија за независност, што се одржа на 1 октомври.

Гласањето не само што се сметаше за неуставно, туку и незаконско од страна на шпанската влада, која силно одговори на движењето за независност. Владините претставници ја презедоа контролата врз финансиите во Каталонија и ја укинаа нејзината автономија.

Полицијата изврши рација на десетици каталонски регионални власти и притвори 14 високи политичари поради нивната поддршка за организирање на референдумот. Исто така, полицијата изврши рација во седиштето на политичките партии и заплени материјал. Владата се закани дека секој што ќе снабдува изборен материјал ризикува кривично гонење и ѝ нареди на полицијата да го запре гласањето во регионот.

Како одговор на овие мерки, илјадници луѓево движењето за независност планираат да одржат долготрајни улични протести, и илјадници демонстрираа во Барселона против апсењето на луѓето поврзани со гласањето за независност, барајќи итно ослободување.

Еве што друго треба да знаете за Каталонија и нејзиниот обид за независност.

Каталонија е дом на 7,5 милиони жители кои сакаат да се отцепат од Мадрид, Каталонија во североисточна Шпанија е една од најбогатите провинции на монархијата.

Името Каталонија датира од 12 век. Со неа управувало кралството Арагон кога била интегрирана во Шпанија во 15 век. Самоуправата уживала и вклучувала употреба на нивниот јазик, но изгубила на 11 септември 1714 година кога после 14 месеци поминати во опсада, Барселона паднала во рацете на шпанската војска.

Во времето на националните движења во Европа во 19 век, свеста за сопствената култура и каталонскиот јазик зајакнала и во Каталонија, која во 1931 година добила широка автономија со што бил обновен Генералитат де Каталуња.

Во шпанската граѓанска војна, Каталонија била упориште на отпорот на генералот Франциско Франко, а токму под негова диктатура ја изгубила автономијата и повторно ја стекнала кога била воведена демократијата во Шпанија. Тогаш и каталонскиот јазик добил статус на втор официјален јазик.

Денес Каталонија е индустриска и туристичка сила, и е седиште на компании како „Сеат“ и „Нисан“ и повеќе од 7,000 мултинационални компании.

Со 20 отсто од вкупниот БДП, Каталонците истакнуваат дека го субвенционираат остатокот од Шпанија во чиј буџет уплаќаат речиси 10 милијарди евра годишно.

Поддршката за независност била 20 отсто пред економската криза во 2008 година, но оттогаш порасна доста, а денес е помеѓу 45 и 50 отсто. Многу Каталонци ја обвинуваат централната влада во Мадрид дека ја отежнала нивната веќе тешка економска ситуација со мерките за штедење, игнорирајќи ги нивните барања за проширување на автономијата.

Оние кои се залагаат за независност, веруваат дека покраината ќе биде подобра како независна држава.

Но, шпанскиот министер за економија Луис де Гуиндос уверува дека економијата на независна Каталонија ќе се намали од 25 до 30 отсто бидејќи независноста ќе донесе неизвесност на меѓународна сцена и ќе ги исплаши инвеститорите.

Пред две недели, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека ЕУ ќе ја признае независноста на Каталонија само ако спроведе легитимен референдум, што во рамките на сегашниот Устав на Шпанија не е легитимен, затоа што треба да се спроведе на целата територија на монархијата.

Ескалација на референдумот


Денешното гласање на референдумот за независност во Каталонија ескалира - полицијата на сите можни начини се обидува да го спречи гласањето и немилосрдно ги брка собраните гласачи. На снимката што се шири на социјалните мрежи се гледа како полицијата упадна на едно избирачко место каде ги брка гласачите удирајќи ги и влечејќи ги жените за коса, а употребени се и гумени куршуми, и одземен е гласачкиот материјал.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура