Во Швајцарија било потребно да се осигури финансиска стабилност до 2030 година, но граѓаните ја отфрлиле на неодамнешниот референдум.
„На швајцарските пензионери им е добро“, објавуваат од тамошната банка УБС, споредувајќи ја ситуацијата во која се наоѓаат пензионерите од Швајцарија со оние во некои други земји. Аналитичарите на таа банка велат дека благодарение на начинот на кој е поставен швајцарскиот пензиски систем, просечна 50-годишна Швајцарка може да одвојува многу помалку од нејзините приходи во споредба со нејзини врсници во Лондон, Њујорк или Токио, така што еден ден би имала основен животен стандард.
Според нивните пресметки, таквата личност денеска мора да одвои 11 проценти од месечните приходи за да го одржи животниот стандард и по пензионирањето. Со таквите услови пензијата би требало да изнесува 48 проценти од раните приходи, што е доволно за нормален живот дури и во скапата Швајцарија.
Швајцарскиот пензиски се состои од три столба: задолжителен државен, задолжителен приватен и доброволен приватен. Заеднички столбовите ја даваат вкупната пензија. Од задолжителниот државен столб швајцарските пензионери денеска примаат загарантирана пензија која се движи од 1.175 до 2.250 франци, а со пензијата што ја примаат од вториот столб целта е да се постигнат од 50 до 70 проценти од вкупните претходни примања, истакнуваат од банката УБС. Просечната швајцарска плата се движи околу 6.000 франци. Додека, пак, вториот и третиот столб капитализираат низ времето, односно претставуваат лична заштеда која се зголемува низ годините за да почне да се исплатува со одењето во пензија. Во Швајцарија приходите од првиот столб делумно се дополнуваат со приходите од данокот на додадена вредност.
Националниот систем на задолжителна државна пензија во Швајцарија е поставен уште од 1948 година, а од 1985 за задолжителен е прогласен и вториот столб. Пензискиот систем по Втората светска војна е приспособуван десетици пати за да се усогласи со економската реалност, а благодарение на тоа, но и на силната растечка швајцарска економија, досега не било потребно намалување на пензиите или правење важни буџетски дефицити.
Рудолф Страхм, еден од познатите швајцарски економисти и политичари, изјавил дека државните прогнози од 1995 година ја предвидувале појавата на дефицитот. Но тоа не се случило „благодарение на растот на платата - кога ќе се зголеми нивото на платата, растат и пензиските приходи“, објаснува Страхм, па потсетил дека во 1999 година било одредено дел од даночните приходи на додадена вредност да се одвојуваат за финансирање на пензискиот систем.
Наспроти тоа, на крајот од септември оваа година на познатите швајцарски референдуми се нашло и прашањето за реформите во пензискиот систем. Меѓу другото, присутно било и прашањето за изедначување на времето за одење во пензија на жените и мажите (жените сега одат со 64, а мажите со 65 години). Со тоа, меѓу предложените промени било и зголемување на основниот износ на пензијата од првиот столб за 70 франци месечно за идните пензионери. Реформите биле предложени со цел пензискиот систем да се приспособи на идните промени со оглед на стареењето на населението. Популацијата е сè повозрасна, во пензија се сè повеќе граѓани. Истовремено не се предвидува важниот пораст на вработени. Така односот на работоспособно население и пензионери од почетокот на 70-тите бил 5:1, a денеска е 3,5:1.
Но граѓаните на Швајцарија ги одбиле повеќето предлози. Сегашната реформа се подготвувала со години, а некои проценуваат дека повторно ќе требаат многу години за да се најдат на референдум. Политичката левица забележувала на подигањето на границата за одењето на жените во пензија, додека политичарите од десницата се држеле до предложените реформи. Сметаат дека не се оди доволно далеку за да се постигне потребната финансиска стабилност на долг рок.
Потребата за постојано приспособување на пензискиот систем лесно може да се види од редовните годишни извештаи што ги изработува Австралискиот универзитет „Монаш“ во соработка со Њујоршката консултантска компанија „Мерцер“. Извештајот опфаќа триесетина пензиски системи, главно од развиени индустриски или поголеми економии, по низа критериуми што се вбројуваат во единствениот индекс. И додека во извештаите за 2016 година, највисока оцена (А) добиле пензискиот систем на Данска и на Холандија, во овогодишниот таква оцена не доби ниту еден систем, а данскиот и холандскиот биле оценети со Б+. Во споменатиот извештај швајцарскиот пензиски систем веќе две години носи оцена Б, која се карактеризира со описот дека се работи за „систем кој има здрава структура, но има и некои делови што би требало да се подобрат и кои се разликуваат од системот со оцена А“.
Пензиските системи во светот редовно се едни од клучните политички прашања и ретко која држава не мора да се занимава со финансиските проблеми на граѓаните што отишле во пензија. Дури и кога системот добро функционира, како швајцарскиот, потребно е константно приспособување за идните пензионери да имаат сигурна основа за нормален живот.