X
 05.03.2024 Живот

Во оваа земја граѓаните изгласаа 13. пензија

Иако владата на Швајцарија предупреди дека зголемените пензии ќе бидат премногу скапи за државата да ги реализира, речиси 60 отсто од гласачите гласаа „за“.

Максималната месечна државна пензија е 2.550 евра, но како што велат граѓаните, тоа не е доволно за живот во Швајцарија. Трошоците за живот во оваа земја, особено во градовите Цирих и Женева, се меѓу највисоките во светот.

Премиите за здравствено осигурување кои се задолжителни за сите брзо растат, а постарите луѓе некогаш се мачат да ги платат.

Жените што останале на породилно, како и имигрантите кои биле регрутирани пред неколку децении да работат во швајцарски фабрики, ресторани или болници, имаат проблем да врзат крај со крај.

Сè повеќе луѓе работат до нивната 70-та година не по избор, туку од потреба. Во меѓувреме, кај помладата генерација се зголемуваат стресот и исцрпеноста поврзани со работата.

Предлогот за зголемување на пензиите дојде од синдикатите, но против него беа швајцарската влада, парламентот и бизнис-лидерите, кои тврдеа дека државата не може да го издржи тоа.

Гласачите во Швајцарија често ги прифаќаат советите на нивната влада кога станува збор за проблеми поврзани со парите, па пред неколку години тие всушност отфрлија дополнителен годишен одмор.

Овој пат тие велат дека е доста, па ја искористија моќта што им ја дава швајцарскиот систем на директна демократија да изгласаат дополнителна месечна пензија секоја година.

Овој потег ја усогласува државната пензија со системот на плати во Швајцарија, кој исто така исплаќа 13. плата, што значи дека работниците добиваат дупла плата во ноември.

Системот првично беше дизајниран да им помогне на луѓето пред Божиќ и за годишната даночна сметка. Како што истакнаа швајцарските пензионери, се оданочуваат и пензиите, а Божиќ се слави и на 65 години.

Дополнително, Швајцарците не сакаат животот да биде само работа, па 75 отсто од нив го отфрлија зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот