X
 05.10.2017 Живот

Како да не бидете жртва на манипулација


Марионета
(Фото: Pixabay)


Секому му се случило да биде жртва на некаква манипулација. Фактот дека некој си играл со вашите емоции и интелект за да преземе контрола, да има моќ над вас и да ве искористи за свои цели, секогаш е болно и понижувачко искуство.

Која е основата на манипулаторското однесување? Без оглед на причините, вие треба добро да научите како да ги препознаете манипулаторите и како да се борите со нив.

Заедничка особина на сите манипулатори е тоа што знаат да ги пронајдат вашите слаби страни, а потоа и да ги употребат против вас.

На препреден начин ќе ве уверат дека ги знаат вашите слабости и ќе ве убедат да почнете да „служите“ во корист на нивниот егоцентричен интерес, а кога еднаш ќе успеат во тоа, голема е веројатноста дека повторно ќе ве искористуваат, сè додека вие не преземете контрола и не им ставите точка на таквите активности.

Престон Ни, авторот на книгата How to Communicate and Handle Difficult People, има неколку совети како да избегнете да станете жртва на манипулација:

Треба да ги знаете своите основни човекови права

Секогаш кога ќе комуницирате со манипулатор, треба да ги имате во глава своите основни човекови права и да научите како да препознаете случаи кога ви се загрозени.

Не заборавајте дека имате право: да бидете третирани со почит; слободно да ги изразувате своите чувства, мислења и желби; сами да ги одредувате своите приоритети; да кажете „не“; да го добиете она што сте го платиле; да имате поинакво мислење од другите; да се заштитите себеси од физичко, ментално и емоционално насилство.

Држете се на дистанца

Еден од најлесните начини за уочување манипулатор е да обрнете внимание како некој се однесува во различни ситуации и пред различни луѓе. Сите луѓе го менуваат своето однесување во зависност од ситуацијата, но манипулаторите одат до екстреми.

Вонредно се љубезни кон едни, но крајно се непријатни кон други, или пак сосема се беспомошни во една, а тотално агресивни во друга ситуација. Избегнувајте ги таквите луѓе во што е можно поголема мера.

Немојте да чувствувате вина


Кога ќе се најдете очи в очи со манипулаторот, треба да имате на ум дека неговиот план е да ги употреби вашите слабости против вас.

Треба да знаете дека проблемот не е во вас, туку дека сте изманипулирани за да се чувствувате лошо и да му ги предадете вашата моќ и вашите права.

„Изрешетајте“ ги со прашања

Кога-тогаш манипулаторите ќе бараат нешто од вас. Кога ќе ги сослушате нивните нереални или неразумни барања, „изрешетајте“ ги со прашања за да видите дали имаат доволно самосвест да препознаат во каква ситуација ве ставаат. На пример, прашајте:

•    Ме прашуваш или ми наредуваш...?
•    Навистина ли очекуваш дека јас...?
•    А што е со мене? Имам ли и јас право на глас?
•    Сметаш ли дека е фер што ова го бараш од мене?
 
Но дури и по ваквите прашања вистинскиот манипулатор ќе се држи до своите зборови и ќе се обиде да извлече некаква корист за себе, но нема да ги признае своите планови.

Времето е на ваша страна

Иако барањата што ги поставува се нереални, манипулаторот главно го очекува вашиот одговор веднаш затоа што очекува ветување во истиот момент.

Во такви ситуации создајте простор за можно одбивање на барањето. Секогаш, најдобриот одговор е: „Ќе размислам“. Одвојте време да извагате што добивате, а што губите, и дали можете да постигнете подобар договор со манипулаторот или, сепак, најдобро е едноставно да кажете „не“.

Соочете се со оние што ве угнетуваат

Не дозволувајте манипулаторското однесување да прерасне во застрашување. Соочете се со оние што ве угнетуваат. Имајте на ум дека сè додека вие сте послушни и пасивни, таквото однесување ќе продолжи.

При соочувањето со таквите лица мора да се ставите во позиција на моќ, без оглед дали ќе настапите со самодоверба или ќе се опкружите со луѓе што ќе ви дадат поддршка.

Одредете казна

Кога манипулаторот ќе продолжи да ја преминува границата, време е да определите какви ќе бидат последиците од таквото однесување.

Една од најважните вештини што можете да ги примените кога некој е тежок за соработка е да ги определите последиците и санкциите, да останете доследни во тоа. Ако ги прикажете последиците на вистински начин, манипулаторот може да престане со своите манипулации и да почне да ве почитува.

Кога еднаш ќе научите како да излезете на крај со манипулативни луѓе, ќе си го олесните животот, ќе имате повеќе самодоверба, подобри односи со луѓето и поголема моќ во ваши раце.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот