X
 06.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Битката за слобода на Каталонците


Фото: Josep Lago/AFP

Колумна на Викторија Митевска

Илјадници демонстранти, нереди по улиците и високо кренато знамето Сењера. Од една страна се незадоволните граѓани кои бараат промени, а од другата страна е браникот кој ја штити и се обидува да ја одржи status quo состојбата.

Да, од другата страна е полицијата, која треба да ги спречи промените по секоја цена. А тие што не се на улиците размислуваат која е потребата од промени – зошто референдум? Кој одлучи отцепувањето да биде токму сега? Но не, тоа не е нешто ново, непознато, тоа е нешто што тлеело со години, и верувајте, добро познато на сите од многу одамна. Сега само повеќе се засилени мотивот и желбата за независност, за самоопределување, за излез од стегите на лошото раководење и економија. Тоа е народ кој е свесен за својата вредност, народ кој со гордост ги претставува својата култура и идентитет, народ кој секаде го говори својот јазик, гордо го истакнува своето знаме и ја пее својата химна, народ кој знае како да ги промовира богатата традиција и вредностите на својата земја. Е баш тој народ деновиве може да се види низ улиците на Каталонија – храбар, смел, борбен и одлучен.

И додека некои прават пресметки, погодувајќи што ќе се случи по референдумот (кој впрочем покажа дека поголемиот процент од гласачите ја поддржуваат независноста на Каталонија), според други би требало да се преоценува дали истиот е легален или не. Но да не се заборави и односот помеѓу двете страни, гумените куршуми, крв, насилство и ,,одмерените“ реакции. Постои повреда на демократските вредности, на слободата на мислење? Како тоа ќе влијае врз останатите делови од Шпанија, на Европа? Дефинитивно ова е настан кој отвори простор за многу нови идеи, отвори и нови рани, побуди желба за поправање на старите неправди, а пред сè го разбуди копнежот по независност.

Настан кој разбуди многу ,,заспани“ региони и уште повеќе ги засили оние што го чекаа вистинскиот момент. Е па, изгледа и го дочекаа. Сега нека почне да дејствува светот, Европа, навистина е потребен дијалог, изнаоѓање решение поволно за сите. И секако, најдобро е да се зачува целината, границите на една држава (во тоа е нејзината моќ и предност пред останатите), но целина во која сите делови се еднакви според придонесот и значењето. Секој да даде, но и да добие.

Навистина е тешко да се заземе страна или да се одлучи. Оваа битка најдобро ја разбираат оние што се борат во неа. Така е, тие живеат, растат и опстануваат таму, ние сме само набљудувачи отстрана. Само нивната одлука е важна и конечна, се надеваме дека ќе биде и вистинската. Можно ли е наместо дијалог, да се избере војна? Ќе ја добие ли некој долго посакуваната независност или сепак ќе се зачува ,,лошо поставената и неконструктивна“ целина? А што е со останатите, дали ќе кажат нешто или овој пат ќе молчат? Ќе се обиде ли Европа да го запре народот? Многу очекувања, голема неизвесност. Едно е сигурно, референдумот очигледно не е нереален сон, народот е на улиците и одлучен храбро да се бори до крај. На нас останува да видиме дали наредната година Барселона ќе ја посетиме како дел од суверена и независна држава Каталонија.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни