X
 06.11.2017 Колумни

КОЛУМНА: Чекајќи го Годо!



Колумна на Наталија Тасевска

Се сеќавате ли на оние двајца чудаци кои си стојат на еден пат крај едно дрво и чекаат еден уште поголем чудак? Таа драма моите другари од средно ич не ја сакаа затоа што отскокнуваше од шаблонот за писмена и како што велеа тие: „нема што да се пишува за неа“, А всушност во тие седумдесетина страници беше компресиран целиот апсурд на нашето постоење. Владимир и Естрагон го чекаат Годо. Си стојат тие така, дрдорејќи си нешто, и чекаат да дојде Годо, па животот конечно да им тргне на подобро. И зарем не може модерниот човек да се препознае себеси во Бекетовите ликови? Сите ние сме дел од сцената на театарот на апсурдот. Се плашиме да го побараме сопствениот Годо. Се плашиме да направиме сериозен муабет со себе и со другите. Така на минување ќе се прашаме: „Еј, како си? Што е ново? Работиш ли? Излегуваш ли?“ И кога тие теми ќе се исцрпат се свртуваме кон времето и политиката: „Како, студено а? Нонстоп врне, не можам више по ова дождов. Виде ова избориве што направија? Абе не ги бива ни тие ни тие, ама ајде...“ Такви обични муабети си правиме редовно. Си зборуваме на безопасни теми, ама ништо посериозно од типот: „Еј, чекај престани да се смееш. Кажи ми среќна ли си ти? И не, не покажувај ми слики од фонтани и ресторани. Само... среќна ли си?“ И навистина, среќна ли сум во овој свет апсурден? Сите викаат дека е никаков. А мене ми е понекогаш баш удобен. Со капучино и парче чоколадо. Добро де, цело чоколадо. Ќе си седнам така, со книга до мене и ќе зјапам низ прозорецот размислувајќи за животот. „Уште малку. Ајде нека помине колоквиумска, па ќе ти ѕвонам, ќе се договориме. Ај да завршам со работа, па ќе се видиме“. А што кога сите колоквиумски ќе ни поминат, кога сета работа ќе ја завршиме, кога сите пари ќе ги заработиме? Тогаш ќе бидеме премногу отуѓени едни од други и подобар муабет од оној за времето нема да знаеме да си направиме. Зашто чекајќи уште ова да помине, поминуваат и нашите мечти и соништа. А чекаме нешто уште од раѓање. Како мали чекаме мама да си дојде од работа, да зготви ручек, тато да си игра со нас. Чекаме ветер за да летаме летало во паркот. Чекаме да тргнеме на училиште, па да завршиме училиште. Знаете она, полуматура, матура, па апсолвентска и оп одеднаш стануваш возрасен, односно возрасните те сместуваат на иста маса како нив иако ти сè уште не се чувствуваш достоен. И ја гледаш твојата генерација. Некои од нив веќе омажени, оженети со привидно среќни семејства и кавер слики од нивните бебиња. Тие веќе почнуваат да чекаат нивните деца да пораснат, да тргнат на училиште, да прават свадба. Почнуваат да чекаат пензија и рај со банани во него. Стадиум по стадиум, тивко полека станаа „нормални“.


А ти? Еве те тебе распнат меѓу факултетот, филозофијата и кафето. Распнат меѓу твоето сакам и туѓото мораш. Сплескан меѓу конвенцијата на општеството и меѓу твојата конвенција. А навистина која е твојата конвенција? Кога беше мал барем знаеше слепо да се држиш до она Леноновото: „Кога ќе пораснам сакам да сум среќен“. Како тоа да е толку лесно. И навистина што е среќата? Што е среќа за обичниот човек? Куќа со камин и голема маса? Паричка на Бадник? Голем двор со зелена трева и куче со водена опашка? Фризби и рекети за тенис во ходникот кои чекаат да престане да врне дожд, да завршиш со работа, да престане да те боли грбот? И тие како нас чекаат некои подобри времиња. Тоа ли е среќа? Среќата е во патот или во дестинацијата? Што е среќа? Се купува ли со пари? Чоколадите среќа се? Годо среќа беше за Владимир и Естрагон?

Чекајќи го Годо. Не, ние не го чекаме Годо во вистинска смисла на зборот, ние го чекаме она што тој го претставува. Ја чекаме нашата слобода. Ќе си најдеме така некој остров, некоја комфорна зона и ќе се насукаме на нејзиниот гребен гледајќи како бродовите поминуваат, подготвувајќи се да скокнеме на оној што најмногу ни одговара. А што ако ниту еден не одговара? Што ако ниту еден не е на вистинското место, во вистинското време? Што ако морето меѓу гребенот и бродот е предлабоко, пребурно? Што ако немаме доволно пари или соодветна облека? Што ако сме незрели или премлади? Преболни или прездрави? Тогаш остануваме вечно на тој гребен, во таа комфорна зона убедувајќи се себеси дека ова е нашиот живот во кој мора да уживаме затоа што тоа е најдоброто нешто што можевме да го добиеме. Се убедуваме себеси дека ова е нашиот Годо и се ракуваме со него прифаќајќи го таков каков што е без желба да го менуваме, затоа што неговата прегратка е преудобна, а ние веќе одамна сме престари.

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни