X
 15.07.2023 Живот

Научниците од Барселона сакаат да откријат дали обојувањето на покривите во бела боја може да помогне во намалувањето на температурите

Теракотните балкони на Барселона долго време се синоним за градот. Но, тие наскоро би можеле да се променат поради климатски причини.

Со предложеното преуредување, покривите на каталонската престолнина треба да бидат обоени во бело, во обид да се намали разорното влијание на топлотните бранови.

Ефектот на топлински остров ги зголемува температурите до 8 Целзиусови степени во центарот на градот. И како што напредува климатската криза, научниците од Автономниот универзитет во Барселона претставија драматичен предлог кој може да го промени лицето на градот засекогаш.

Според последните податоци, Европа се загрева побрзо од глобалниот просек, а годишните температури се зголемуваат помеѓу 1,7 и 1,9 Целзиусови степени во урбаните средини. Барселона не е исклучок бидејќи 2020 година е најтоплата година во градот во период од два века.

Како одговор на овој проблем, истражувачи за климатските промени имаат пионерски проект за обојување на покривите на градот во бела боја. Тие тврдат дека тоа може да ги намали температурите до 4,7 степени за време на топлотните бранови.

Истражувањето покажува дека постојните градежни материјали во Барселона го задржуваат дневното сончево зрачење, што придонесува за акумулација на топлината низ градот. Но, би можеле да се создадат „ладни покриви“ со обојување на горните површини во бела боја.

- Соработуваме со јавни субјекти како Урбанистичкиот мастер план на Барселона. И тие се согласуваат со обојувањето на покривите во бела боја. Но, досега ништо не е направено, иако оваа стратегија е евтина. А според нашите предвидувања, во град како Барселона тоа би функционирало уште подобро отколку зголемувањето на зелените површини - вели метеорологот Серги Вентура од Автономниот универзитет во Барселона.

Во последниве години, советот на Барселона се осврна на прашањето за климатските промени со засадување повеќе дрвја во урбаните области.

Но, како што проблемот се зголемува, зелените површини сами по себе нема да бидат доволни за да се спречат сѐ почестите топлотни бранови кои му се закануваат на градот. Некои експерти стравуваат дека се потребни подрастични промени.

- Мислам дека е одлична идеја. Дефинитивно би го направил тоа. И навистина се надевам дека сите ќе го направат. Би заштедиле енергија, што би било многу добра работа за глобалното затоплување - вели Самуел Сеинтот, софтверски консултант чиј стан е на погорните катови.

Извор: Euronews.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот