Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Кого и да прашаш, сите го чекаат тој ДЕН ПОТОА. Какво било прашање да поставиш, добиваш одговор: „Еј, дај почекај изборите да поминат, па после ќе се договараме“. Зарем толку време ни одзема од приватниот живот организирањето на изборите, што не можеме ни едно кафе-пиење да си договориме? Зарем нема да продолжиме да дишеме, да одиме на работа, да јадеме, да ги носиме децата во школо, да пазариме во маркетот, да се развиваме? Зарем толку е важен исходот од изборите, па ќе влијае на тоа дали ќе пиеме кафе или сок или уиски? Кому навистина треба да му е важно?
Прво многу добро одиграа комуникациските менаџери на кампањите. И од двете поголеми партии напумпаа атмосфера како да навистина нешто многу важно ќе се случи после 15 октомври. Она #НоваЕра имплицира дека до 15-ти ние живеевме што живеевме во старата, ама сега ќе се случи нешто ново, некоја нова придобивка која ќе ја запишеме во историјата, оти, пазете, ера е многу долг период на геолошкото време. Ерата е временски период определен за целите на хронологијата или историографијата. Календарски гледано тоа е историски момен(а)т кога се прогласува нова ера. Од друга страна, зборот „ера“ е употребуван на англиски јазик од 1615 година и е изведен од лат. „ера или епоха од која времето се смета“, веројатно идентични со латински æra „бројачи што се користат за пресметка“, а множина од ера е „пари“. Ха!
Е сега ни овие другиве не беа подолу. Иако овие фатија друга наука – биологијата, оти #Живот е карактеристика на организмите која покажува определени биолошки процеси. Е арно ама за да има живот, треба да има организми. А живите организми се способни за раст и размножување, може да бидат микро- и макроорганизми. А ако „некои можат да се приспособат кон нивната средина преку промени од внатрешно потекло“, шупрајме тогаш?
Како и да е, и во двата случаи експлицитно се укажува на некакви промени, некакви трансформации, едните во историска смисла, другите во биолошка. И едните и другите тие трансформации ќе ги прават врз оние што живеат во таа ера, а другите пак врз организмите. Е сега, прашањето ми е: Дали истото ќе важи и за оние што ја создаваат ерата, т.е. животот? Дали и за нив ќе важат историските промени или биолошките процеси на „дразба“, „раст и размножување“, „еволуција“, „природна селекција“, итн.
Ќе променат ли првин нешто кај себе, ден потоа, или тоа ќе се однесува само на „организмите“?
Оти сите знаеме дека е(в)рата и (со)животот не одат еден без друг.
Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.