X
 25.09.2017 Култура

КОЛУМНA: Она што светот го нарекува слобода


Фото: Pixabay

Колумна на Наталија Тасевска

Бел цвет и пеперутка со шарени крилја. Не знам зошто, ама јас отсекогаш така ја дефинирав слободата. Уште откако знаеме за себе се стремиме да живееме слободно. Тоа е целта на секое дете. Да порасне и да се ослободи од родителите, професорите, соседите, тетките и стрините, од оние што му наметнуваат забрани. Сакаме да сме големи и доволно богати, па никого да не прашуваме за дозвола, ниту за мислење. Но никогаш не можеме вистински да пораснеме. Никогаш не можеме да станеме вистински слободни. А што е слобода? Безбеден живот или, пак, живот без она што светот го нарекува морал? Често слободата ја замислуваме како жена во црвено со поглед вперен во неодреденото. Но што навистина е слобода? Каде е таа вистински? Каква е вистински? Жена ли е тоа или божица? Која е слободата и ќе дојде ли некогаш во нашиот свет? А окупаторот никогаш сам не им ја дава слободата на окупираните. За неа треба од утро до мрак да се бориме. За неа треба до крв да се бориме. И што е слобода? Кој може за себе да рече дека живее слободно? Европејците? Американците? Црнците? Белците? Богатите? Сиромашните? Кој од нас може да рече дека е вистински слободен? Кој има крилја и кој знае да ги користи? Да знаевте да летате, каде ќе бевте сега?

Ропството го легализираа на еден помодерен начин. Заробени сме сите! Робови сме на „нормалното“. Робови на она на кое нè научија. Робови на телевизијата, на принципите, на идеите и идеалите. На науката. Општеството ни ги наметна своите пранги, ни врзаа синџири уште од раѓање. На една нога синџирите на семејството, на друга катанците на пријателите, на левата рака синџирите на религијата, на десната оние на политиката, а на вратот синџирите на нашите желби и соништа.

Слобода е можност за донесување сопствени одлуки. Но колку се тие одлуки реално наши? Колку не се наметнати од општеството? Колку не се наметнати од желбите и соништата на оние другите што се дел од нашиот живот, сакајќи или не сакајќи? Колку нашите одлуки се само наши? И возможно ли е да бидат само наши? Возможно ли е човек да живее сам во својот меур? Она што сме е рефлексија на настаните предизвикани од некој друг. Апсолутна слобода не постои. Слободата е диктирана од луѓето што живеат покрај нас, со нас. Диктирана од нашата реакција на нивните, нашите и вашите постапки. И не се тие наши робовладетели, ниту ние нивни. Ова е мрежа од испреплетени конци и секој тегне на своја страна, а сечие движење индиректно го афектира секого. А, сепак, зарем не е полесно да си роб отколку слободен? Зарем не е полесно да има кој да ти каже каде да одиш? Зарем не е полесно некој друг да ја сноси одговорноста? Помалку боли кога ударите не паѓаат директно врз твојот грб? Лесно се чекори во некој правец ако однапред некој ти го покажал. Па полесно е да се пишува есеј на зададена тема отколку на слободна, зашто тогаш ти треба време да одлучиш за што ќе пишуваш. А ние немаме време за губење. И навистина толку силно посакуваме слобода, толку жестоко трчаме по неа и кога конечно ќе добиеме нешто што наликува на слобода, не знаеме како да се носиме со тоа и сфаќаме дека робовскиот живот е далеку поедноставен и дека комфорната зона е најбезбедна, а дефиницијата за слобода е апсурдна затоа што апсолутна слобода не постои. Секогаш има некој и нешто што влијае врз нашите постапки и го нарушува апсолутизмот, затоа слободата секогаш треба да биде дефинирана релативно.

Што е слобода? Слобода е рано утро и сончев зрак преку прозорец дури си приготвувам кафе. Мојата слобода лежи во есенските дождови и во бебешко розовиот чадор додека сите имаа црн. Слобода е шумолење на жолти лисја и мирис на ајвар. Слобода е завивање на зимски ветер и приказните што ги раскажуваше дедо. Слобода е насмевката на моите најдобри другари, седнати сите заедно. Тоа е плачот на малите деца со раскрвавени колена. Слобода е куќа со зелен покрив, мокра трева и боси нозе и знаме што се вее. Слобода се вресоците на орлите, хартиени змејови на небото и бродови што тивко се топат во реката. Тоа се темни ноќи и многу, многу ѕвезди. Да, слободата е релативна. А она што светот го нарекува слобода... Не се тоа бели крилја, ниту скршени барикади, ниту скинати јажиња, тоа е синоним за слобода. Вистинската слобода е некаде далеку, далеку, некаде високо, некаде длабоко, во розовото езеро во Сенегал, во Хогвортс, во стиховите на „Лед цепелин“ и „Пинк Флојд“, некаде длабоко во нашиот сопствен универзум. Слободата е само можност да ги избереме сопствените пранги.

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура