X
 11.10.2017 Култура

Унгарците ќе го читаат Венко Андоновски на мајчин јазик

Вкупно 16 дела од македонски автори ќе бидат преведени на некој странски јазик, во рамките на конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици за 2017 година што го објави Министерството за култура

Венко Андоновски

Унгарците ќе го читаат романот „Вештица“ од Венко Андоновски на мајчин јазик, „Бајазит и Оливера“ на Драги Михајловски ќе биде преведен на бугарски јазик, „Скриена камера“ на Лидија Димковска - на хрватски јазик, „Нишан“ на Блаже Миневски - на кинески јазик, а „Харпешко“ од Ермис Лафазановски – на арапски јазик. Ова се пет од вкупно 16 дела од македонски автори што ќе бидат преведени на некој странски јазик, во рамките на конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици за 2017 година што го објави Министерството за култура. На јавниот повик пристигнале 21 апликација од 15 издавачки куќи.
- Комисијата составена од Ненад Стевовиќ, Лидија Капушевска-Дракулевска и Рами Камбери ги разгледа пристигнатите пријави и предложи финансиски да се поддржат преводи на 16 дела, за кои е утврдено дека поседуваат уредна пријава и комплетна документација – соопшти Министерството.

Книгите се поддржани со буџети од 800 до 3.700 евра. За сите вкупно, Министерството за култура издвоило 30.800 евра, односно 1.909.600 денари. Така, на албански јазик ќе бидат преведени „Петтото годишно време“ на Сашо Димоски и „Еден миг од времето“ на Оливера Доцевска, на српски јазик - „Америка, Америка“ на Божин Павловски и „Божествени допири“ на Ристо Василевски, „Црни дупки во нас“ на Марта Маркоска, на бугарски јазик - „Индиго Бомбај“ на Јагода Михајловска-Георгиева, „Историјата на луѓето кои умреа од страв“ на Ермис Лафазановски и „Се гледаме наскоро“ на Драгана Ефтимова и Владимир Лукаш. „Двете принцези“ на Натали Спасова и „Евангелието на трите самовили“ на Стојмир Симјаноски ќе доживеат свои преводи на украински јазик, а „Избор поезија“ на повеќе македонски автори ќе биде преведена на англиски јазик.

Министерството соопшти дека од пристигнатите пријави се одбиени три апликации, и двете на издавачи од Србија, за преводи на „Те сакам, тоа е вистината“ на Александар Алексов, „Рогот на љубовта“ на Божин Павловски и „Читање на ненапишаното“ на Христо Петрески. Комисијата дополнително ќе ги разгледа предлозите на издавач од Бугарија за превод на „Балкански клуч“ од Луан Старова и „Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова на бугарски јазик.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура