X
 02.06.2023 Живот

Марта Куковска и Божидар Божиновски се победници на конкурсот за авторска сказна на „Светот на Биби“

„Фи ја губи моќта“ од Божидар Божиновски и „Ежето Боцко“ од Марта Куковска се сказните што победија на конкурсот за авторска сказна на „Светот на Биби“. Во конкуренција од повеќе од сто сказни, овие две беа избрани како најдобри и се планира нивно печатење и анимирање.

- Современата детска литература долго ми е предизвик од кој се плашев, непознати води за разлика од литературата за возрасни и поезијата, сценаријата и сатирата. Без сите метафорички алатки на изразување кои ги имаме возрасните да пренесеш порака до најмладите, не е лесно, но е благородно, соголено од непотребноста на сложеноста на изразот повторно да се вратиме на едноставноста која ја губиме со таложењето на времето - изјави Божиновски.

Неговата победничка сказна носи важна порака - дека никогаш не треба да се откажуваме.

- Губењето на моќта (на Фи), а и на сите нас е нормален процес во кој престануваме да веруваме во себе. Пораката е многу едноставна - верувајте во себе и својата магија и тогаш кога магијата не ви успева, продолжете да се обидувате. Можеби никогаш нема да успеете, но зарем е важно? Поважно е да го правиш тоа што го сакаш без успех отколку да успеваш во тоа што не го сакаш - вели тој.

Марта, пак, преку нејзината сказна и ежето Боцко испраќа порака за прифаќање на различностите.

- Моја најголема инспирација за сè во животот, па и да се пријавам на конкурсот се децата. Како мајка на две мали деца, најважна задача ми е да ги научам на морални и етички вредности, а една од најважните е прифаќање на различностите. Сказната за ежето Боцко на креативен и разбирлив начин, преку омилените ликови од „Светот на Биби“, на децата им ја пренесува пораката за недискриминација и прифаќање на различностите бидејќи секогаш во животот ќе се сретнеме со некој Боцко - истакна таа.

Доказ за тоа колкаво внимание привлекуваат сказните со Биби, Боби и другите јунаци од „Светот на Биби“ е и тоа што на конкурсот своја сказна испрати и 9-годишната Јована Ѓерасимоска. Таа ни ја испрати сказната „Патот во вселената“ и  доби специјален подарок од „Светот на Биби“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот