X
 05.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Што е е-спорт и зошто луѓето го следат?



Колумна на Виктор Ефтимов

Новите технологии, меѓу другото, создаваат и нови удобности, како и нови навики, преку кои заземаат значајна улога во вообразбата на новите генерации. Денес, електронските уреди во сета најразновидна форма се присутни кај помладите уште од најрана возраст; без разлика дали се тоа компјутери, мобилни телефони итн. Во тоа нема ништо лошо, сè додека има умереност при користењето – се разбира. Светот стои на работ на Четвртата индустриска револуција, и иако е неопходно да се биде подготвен, не е правилно да се заборават некои од суштинските човекови способности, како што се сочувството и соработката. Но, тоа не ми е поентата.

Впрочем, колумнава требаше да почне вака: Новите технологии, меѓу другото, отвораат и нови врати, а зад една од многуте се кријат и електронските спортови (е-спорт). Е-спортот е „вид спорт“ каде што основите аспекти се олеснуваат со употреба на електронски системи; влезот на играчи и тимови, како и излезот на целиот е-спорт систем се посредува од човечко-компјутерски интерфејси. Со други зборови, е-спортот се однесува на натпреварувачки видеоигри кои често се координираат од различни лиги и турнири, каде што играчите припаѓаат на тимови кои се спонзорирани од различни деловни организации. Последниве години е-спортот стана една од најбрзорастечките форми на нови медиуми поради зголемениот извор на онлајн-игри и развојот на технологии за онлајн-емитување.

Па тука се повлекува една дебела линија, дали е-спортот навистина може да се смета за спорт? Оваа концептуална загатка е релевантно прашање, не само за дефинирање на е-спортот туку и за обележување на границите на она што ние го перципираме како спорт во целина. Се чини многумина го делат мислењето дека е-спортот не е навистина спорт затоа што умешноста на играчот не се мери преку неговата физичка способност; од причина што во реалноста телото и физичките активности на играчот се важен дел од целокупната спортска активност, а е-играчите „спортуваат“ седнати. И иако дефинираните настани се случуваат во рамките на електронски посредувана средина, тоа на кој било начин не имплицира дека е-спортот не е физички или ментално напорен.

Дополнително, во потрагата по дефинирање на е-спортот пресудно е прашањето: кои аспекти на спортот треба да бидат електронски посредувани за тој да се смета за е-спорт. Односно, ако главната разлика меѓу спортот и е-спортот е местото каде што се манифестираат поединечните или тимски дејствувања, тогаш во традиционалните спортови сите дејствувања се случуваат во „реалниот свет“, и притоа спортските практичари можат да користат електронски системи за да ги подобрат спортските активности. Спротивно на тоа, сите дејствувања во е-спортот заземаат место во т.н. „виртуелен свет“, то ест електронски посредувана средина и тие се координирани, оркестрирани, управувани од луѓе во „реалниот свет“. Меѓутоа, не се физичките околности на играчот оние што го дефинираат исходот на играта, туку системските состојби што постојат во рамките на електронскиот систем и кои се регулирани со посебни правила.

Тргнувајќи од досега изреченото, е-спортот е вид спорт во кој основите аспекти на спортот се олеснуваат со употреба на електронски системи – аналогно со фудбалскиот терен и топка, кошаркарската сала итн. Голема предност е лесната пристапност – потребен е само компјутер; наспроти потребната опрема и простор за останатите спортови. А гледањето е-спорт (како публика) е исто како гледањето кој било друг спорт. Најчесто тоа се прави преку преноси во живо на интернет. Причините поради кои тоа се прави се најразлични. Луѓето гледаат е-спорт за да се подобрат себеси во играта што им е омилена, а понекогаш тоа го прават чисто од забава – за да побегнат од секојдневните проблеми на сосема поинаков начин.

Накратко, за крај, дали е-спортот ќе продолжи да се развива и понатаму? Одговорот е ДА. Бројот на играчи и гледачи рапидно се зголемува. Во споредба со другите традиционални спортови, е-спортот е уште млад, и ова можеби е првата генерација во чии очи се гледа исто како на традиционалниот спорт. Воведувањето на е-спортот во матицата на секојдневието ќе биде тежок и бавен процес. Но, тој и без тоа ќе опстане. Тимовите и лигите веќе имаат спонзорства и привлекуваат сè поголем број гледачи без воопшто да бидат емитувани на телевизија. Всушност, иако иднината сè уште во голема мера е непозната, едно нешто е сигурно: е-спортот е тука и тука ќе остане.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни