X
 19.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Празник



Колумна на Виктор Ефтимов

Да можев да го измазнам, ќе го измазнев.

Како што умеев тоа да го правам со цртежите по ликовно кои веќе загубиле делче од убавината откако набрзина ќе ги пикнеш в ранец, трчајќи да не задоцниш на училиште. Патем, цртежот и понатаму го симболизира она што си сакал да го одразиш, само што малку стуткан ја оддава и твојата негрижа за која добиваш прекор од наставникот.

А можеби и немаше; овој град, иако е хартиен и секој секогаш нешто доцртува, сеќавањата во него не се. На мигови, се чини дека тие се и поопипливи од сета материја на светов, кога ги наоѓаш стуткани во џебот на свеста. Пробуваш и нив да ги измазниш, ама некако ни тоа не ти оди од рака. Па затоа уште повеќе ги туткаш да направиш простор за нови, бидејќи овие стариве по малку те боцкаат.

Но, не сите спомени се такви ко што ги прикажав. Постојат и други, еднакво битни, ама поубави. Нив ги земаш како парчиња од животот со себе, од самото нивно создавање, и како глас понесен од дома што ти шепоти сè почесто да се радуваш на нештата кои некогаш биле, а можеби допрва и одново пак ќе бидат.

Едно такво сеќавање имам уште од второ одделение, кое на некој начин зазема голем удел во изградбата на мојот карактер и на мојот космополитски став кон светот. Всушност, тука влегуваат настани кои се одвивале подолг временски период, а на кои, всушност, се присетувам за дел од секунда. Се работи за два големи верски празника: Бајрам и Велигден - меѓутоа јас никогаш и не сум бил некој голем верник, та оттогаш и кон двата гледам со еднаква почит.

Три години подоцна напишав есеј, опишувајќи ги подетално овие настани, но бидејќи бев мал и наивен, и есејот излезе токму таков: мал и наивен.

Мајка ми работеше како наставник по македонски јазик во едно албанско училиште. Понекогаш ме водеше со себе на работа. Додека имаше часови, ме оставаше со децата од забавиштето каде што ги запознав Берна, Љуме, Ертан, Лирим,... со кои цртав, боев, си играв... Ни ден-денес не знам како и на кој јазик се договаравме, бидејќи ниту тие зборуваа македонски, ниту пак, јас албански. А, сепак, се разбиравме.

За Бајрам, учениците ја пречекаа мајка ми во ходникот со прегратки, бакнежи и баклава, која воопшто не ми се допадна. - Сине, не е убаво тоа што го велиш – прекорно ме погледна мајка ми – ако нешто не ти се допаѓа или не го разбираш, не значи дека не е убаво или дека е лошо. Сакаше уште нешто да додаде, ама ја прекинаа нејзините ученици, подавајќи ми една чоколада, за да го споделам заедно со нив нивниот празник.

Оттогаш поминаа неколку месеци, а во меѓувреме се запролети. Кога дојде Велигден, повторно отидов со мајка ми, да ѝ помогнам да ги однесе вапсаните јајца на работа. Во училиштето, децата повторно ја чекаа во ходникот. И тие знаеја дека е Велигден и дека мајка ми им носи вапсани јајца, како што прави секоја година. Секој нејзин ученик доби јајце со неговата омилена боја, а потоа се „кршевме“, ги излупивме и ги изедовме.

На крајот од денот, јас капнат од умор паднав в сон. Ги сонев децата растрчани по ходниците на училиштето што го напуштив и чија отворена порта стана дупка, огромна и црна во која ги подредив сеќавањата. И ден-денес, тие таму мируваат - совршено измазнети, наспроти некогашното пречкртано училиште во градов каде што секој секогаш нешто си доцртува.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни