Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Детето дома ми донесе писмен тест подвлечен со црвено на неколку места. Ѝ велам: „Знаеш што значи црвеното пенкало, нели?“ Вели: „Да, мамо, ама на овој начин точно знам каде ми се грешките, најдобро учам од црвеното пенкало на учителката“. Тоа ме замисли, искрено. Ако децата знаат дека на овој начин најдобро се учи, тогаш кој нам, на возрасните, ни ја исцртува црвената линија? Кој треба да ни покаже каде грешиме? И дали точно ја оцртува? Каде ни се нам црвените линии како општество?!
Овој менталитет не е никаков прост масовен феномен, никаква последица на општествената и економската пропаст, ниту пак одраз на некоја политичка анархија. Тоа се само резултатите од некоригирањето веќе подолг период. И на индивидуално и на колективно ниво. За да се постигне ефектот на „непостоење“ на црвените линии, очигледно дека малку подолго време сме заборавиле да цртаме со црвеното пенкало. И тоа во сите сфери. Грешки еден куп, а „пролетери“ од сите области замижаа само за да се положи еден и единствен испит – да се има држава или не. Е сега судството треба да покаже дека „Црвени линии мора да има за секого“. Тоа е оној за нас што го има црвеното пенкало во рацете, да имаме судска пракса која нема да биде „прогноза“ (читај: зависи кој судија ќе ти се падне), ами чиста „дијагноза“ (читај: казната согласно делото и законот). Еве чекаме и здравството да најде црвен фломастер, па да исцрта црвени линии во јавните набавки за лекови, во условите за нега на болни, во начинот на прием и третирање на пациенти, во лекарските грешки, итн. Во другите професии и да не зборуваме, оти галиба фикција е да презентираме професионално новинарство без црвени линии. А неколкумина од нив одамна ги избришаа.
И тамам ќе си речеш дека некои традиции, норми, непишани правила на коректно однесување, воспитување и култура сепак може да ти извадат „чиста петка“ на тестот, оп – што прајме со онлајн-просторот? Таму, во виртуелниот свет, ја гледаме реалната слика за нас: Инбокс или инстант-комуникации „без црвени линии“, коментари и осуда без пардон.
Сепак, најголемата двоумица деновиве ми е со политичките партии. Зарем не ги гледаат црвените линии што граѓаните им ги оцртуваат преку прашањата во дебатите? Зарем не сфаќаат дека црвени линии се итекако потребни за да почнеме одново да (си) веруваме. Очигледно, црвеното пенкало не (сакаат да) работи за време на предизборна кампања. Ама затоа пак синото многу добро работи на денот на изборите.
На тој писмен тест јас сум и ученикот и учителката.
Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.