X
 14.11.2017 Култура

Ќе врне ли утре?



Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Ако во една затворена соба (без прозорци и без ТВ, радио, телефон, интернет) има човек што вели дека „утре ќе врне“, а во друга затворена соба друг човек вели дека „утре ќе биде сончево“ - која е улогата на новинарот? Па прво да испита дали првиот, што вели дека ќе врне, има бизнис со чадори, а другиот со туристички агенции, потоа да провери какви се официјалните прогнози, па дали таму од каде што ги добил официјалните прогнози има вработено некој кој се познава со првиот или вториот човек во затворената соба или има (не)случајна врска; и доколку се реши новинарот на крајот од прилогот да рече дека „утре сепак ќе врне“, тогаш новинарот е соучесник на кршењето на вистината – оти вистината и фактот се два различни поима. Вистината може да се утврди дури задутре, откога ќе се случи и ќе стане минато, откако ќе видиме какво ќе биде времето.

Новинарската професија воопшто не е лесна, ниту едноставна, ниту пак незначајна за општествениот развој на демократијата. Може да се каже дека е и поважна од самиот процес бидејќи таа професија го трасира патот на демократијата. Тоа се тие луѓе кои (би требало да) ја кажуваат вистината, ја откриваат вистината и за некое поголемо општествено добро се решаваат да ни ја плеснат в лице, онака како што е, без да судат, да осудуваат, да пресудуваат однапред или да ја продаваат информацијата на трговецот со чадори.

Поттикната од новата ТВ-серија и сценариото за истата, пишувам на темава со оглед на фактот што многу повеќе прашања се отвораат ако се пишува на тема „новинарство“. Засега би се задржала на еден навидум имплицитен проблем, ама итекако важен: Дали за да ги согледаме нештата најпрвин треба да ги видиме со свои очи?

Не, не пишувам од аспект на тоа дали имаме или треба да имаме кооперативно или корпоративно новинарство. Иако, на драго срце, ги имаме и обете. Но, ме фасцинира фактот што очигледно потребно ни е бахтиновски да се соочиме со новинарските „предизвици“ – да ги погледнеме како во огледало та да ги разбереме, односно да (им) ги препознаеме сториите, ликовите, настаните, проблемите и така пресликувајќи ги од виртуелното во реалното да ги разбереме со АХА!моментот.

Тоа е еден особен вид на карневализација – (пак бахтиновски погледнато) од аспект на градење поголема опипливост на нештата преку „гледање пред себе и во себе“ на „сериозно-смешни ситуации“, а сепак наше и тука. Се чини дека и повеќе од потребно е да ги погледнеме преку серијал сите сериозни болести од кои си патиме, онака рендгенски да ни се прикажат, оти џабе докторот ни кажува колку сме болни. Имајќи предвид дека сме си нација која си гледа серии, овој вид на „залепување пред екранот“ звучи не само бахтиновски модел на претставување/искривување на еднаш искривената перцепција во огледалото, ами и единствен начин да се пренесе пораката до пошироките народни маси. Оти она што го гледаме во огледалото не е нашата перцепција, туку извртената слика на оригиналот.

Во карневалска смисла важно е дека на ваков начин „се ослободува свеста од владеењето на официјалното гледање на светот, дозволува светот да се гледа на еден друг начин, без страв, без страхопочит, потполно критички, но истовремено без нихилизам, туку позитивно, бидејќи така се открива големото материјално начело на светот, постоењето и промените, неодоливоста и вечниот триумф на новото, бесмртноста на народот.” И ако беше потребно да се воведат конкретни теми преку сетилно-визуелни играни серии, тогаш супер, ајде да (се) гледаме!

Белким кога ќе се погледнеме во огледалото ќе знаеме и самите да погледнеме преку прозорецот и да процениме дали ќе врне надвор!

Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура