X
 20.09.2017 Култура

КОЛУМНА: Тесна кожа

Колумна на Марија Грубор


Фото: Pixabay

заминав што подалеку
од вашите големи влогови,
банални претпоставки,
претепани суети,
осиромашени сметки,
лични политики,
скршени срцa, болни колена,
пијанства полеани со лепило
што од ѓонови не се отстранува,
заврзлами од милион
запрени
зборови.

заминав за да ве преболам,
како парчиња стакло
од рана да ве извадам,
на земја по ред и почест
да ве положам.

[ми залепија етикета на слобода,
ме убедија во одврзани раце,
ама џабе е сета: секој милиметар од моето свое
со сечии бедни времиња е споен,
дури и во паузата меѓу погледите.]

заминав за утре да можам
пак да ве љубам!
да се разбудам некаде
преку мориња и планини,
во сина пустина каде има само
души спокојни во своите лушпи
каде само еден миг од мигот
ќе е потребен
да ја научам разликата меѓу
бивање и небивање.

заминав да најдам еден кројач
кој знаел како да ги олабави
моите стегнати конци,
оти јас, неискусна,
пробав угоре да ги влечам,
и околу вратот ми се насобраа
како милион слепи раце упорни
и воздух снемав,
од воздух се исцедив

и ќе ги отплетел прстите залепени на мојата кожа,
и ќе ги одвоел едни в други вткајаните
црвени од црни платна
за да ја најде белата надвладеана од метежна шара,

и ќе го барам,
колку било,
колку треба,

оти јас време имам,
а празно место веќе не.

*

Не, не се сметам себеси за великан од рангот на Рацин (него го цитирав пред воведниот дел во првата колумна од овој циклус), ниту пак блиску до таа категорија изострени творци, но размислувајќи за колумнава, ми текна дека еднаш напишав песна за чувството што е нејзин носечки столб. И решив да ја искористам за да ве потсетам на една мошне неудобна ситуација која за потребите на овој текст ќе ја наречеме „неподносливата леснотија на животот (Милан Кундера) во земја Македонија.“

Имено, го знаете оној момент на ужас кога ќе сфатиш дека си впуштен во вртлог од преинтимни познанства и обноски во едно малечко место во едно малечко земјиче и те пука с’клет, презагушеност, теснотија, мачнина во сопствената кожа, но и претесната кожа на општеството?

Освен ако не сте хуманоид со вештачка интелигенција, би требало да знаете за што зборувам.

Со почит кон останатите категории граѓани што се занимаваат со стресни ситуации, тоа чувство на задушеност е особено изразено кај вистинските активисти (како и кај оние што се во процес на инкубација на идејата за трајна миграција), на кои ем им е тесно, ем за без пари работат за „идеи“, ем на сите им се криви после одредено време. Притоа, оние луѓе што ги живеат вредностите за кои им предаваат на другите (јас одговорно тврдам дека постојат такви) живеат во најзадушлив, најотровен простор од сите. Во кратки црти, овој свет не е пријателски расположен кон оние што сакаат да живеат ништејќи/во судир со/поинаку од доминантните капиталистички вредности.

И покрај тоа, изненадувачки е што една од големите јавни тајни за кои луѓето ретко зборуваат во активистичките кругови е недостигот на солидарност меѓу самите колективи и воопшто, меѓу индивидуите кои ги сочинуваат. И тоа навистина е еден од проблемите на современата левица, според моето скромно мислење.

Во принцип, најпосветените и најискрените активисти се луѓе кои се многу посклони кон burn out отколку просечните граѓани. Според некои експертски мислења (жалам, во моментов не можам да го најдам линкот), нивната ранливост на burn out е на слично ниво со ранливоста за burn out кај здравствените работници. Сметајте дека тоа се луѓе кои истапиле јавно да се борат за нешто инакво од нормата, скоро секојдневно - стресот е дел од описот на активноста. Но, што е уште полошо, одреден дел од овие активисти завршуваат како цинични деспоти, откако отрпнале од годините жртвување време за нешто поголемо од себе, кое изгледа како никој да не го забележал. Кога тоа ќе се случи, овие луѓе ретко го споделуваат со нивната околина, и се изолираат, сами со себе војувајќи големи битки на тема идентитет, идеали, стравови, падови и порази. Или барем на тема „море народ, саде тишини“. Секој сам во својата малечка коцкичка се бори со истите демони. Но ретко кој успева да им подаде рака на другите и да отвори пат за вистинска, одживеана солидарност. Најчесто, за жал, на нејзино место има закачки и лични напади, а полуприкриените борби за моќ се скоро неизбежен дел од секој втор колектив/грасрут организација.

Целиот процес обично завршува со поделба на поголеми организации во помали фракции и/или исфрлување на некои членови и/или распуштање на групата.

Идеолошките несогласувања, потенцирани од личните конфликти и его-војни (сите имаме его, ок е, диши, nothing personal) се шират како пукнатини во темелите на колективите и евентуално доведуваат до Game of Ideological Purity и прекин на комуникација меѓу бивши соработници. Некогаш било најдобро секој да продолжи по својот пат, но некогаш имало шанса да се избегне таквиот крај.

*

Понекогаш, се случува нови пријатели или тазе познајници да ме прашаат како се декларирам во политичка смисла. Отсекогаш тоа ми бил најомразениот дел од „ice-breaking” разговорите. Тешко ми било да издвојам дистинктивно, преовладувачко приврзување кон специфичен „голем наратив“ (grand narrative), најверојатно поради преаналитичниот, опсесивен карактер на мојот ум кој бара фалинка во сѐ. Башка ги ценам егзистенцијалистите. И на крајот на краиштата, мојот татко успеа да ме научи дека сѐ што звучи предобро за да биде вистина, најчесто токму тоа и е.

Затоа најчесто велам „Лева сум – и толку сега за сега“. Тешко ми е да ги пуштам луѓето во тој свет. Тоа или доведува до кавги со неистомисленици кои се незрели за конструктивна дискусија, или отвора простор за иронизација во бескрај. А и во принцип не ми требаат нови такви луѓе.

Лепењето етикети, цинизмот и/или строгата поделба во задушливи категории ниту ми помага во мојата лична потрага по вистината или она што е најблизу до човечкиот концепт за вистина, ниту ми помага да дејствувам поефикасно во склад со моите убедувања во реалниот свет. И мислам дека никому досега не му помогнало за истото. Или?

Ако сакаме некој ден да постои свет базиран на солидарност (откажете се дека ќе го дочекате ова во вашите кратки животи, ова е идеја поголема од сите нас, ок? поз), мораме да научиме да ја применуваме сега и веднаш, во семејствата, меѓу пријателите, меѓу колегите и соработниците - меѓу целиот жив свет, за оние со најголеми срца.

Само попат да ги баталиме етикетите, другари.

Наместо да се држиме за декларативното како слепи за стап, би требало сите да се посветиме повеќе на отелотворување на идеите во кои веруваме. Тоа бара многу искреност, доверба, солидарност, емпатија и развивање толеранција на критика и може да боли многу, но сметам дека резултатот би вредел за вложеното.

Се плашам дека ако продолжиме вака, секој по свој пат, отуѓени едни од други и гладни за поддршка, еден ден ќе си изрипаме од претесните кожи и ќе прегориме ко евтини свеќи. *

Oh what a lovely way to burn, шо би рекла Peggy Lee.

*Опис на еден од полошите начини на кои ваквото сценарио може да заврши побарајте под бр.13 во колумната „Триптих посветен на моќта и слободата“.

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура