Воопшто не ми беше жал да си ја скратам косата бидејќи знам дека некое детенце што нема коса ќе си добие. Многу сум горда и среќна. Мајка ми еднаш ми покажа едно видео со две деца. Едното беше болно и немаше коса, а другото ја пушташе косата да расте за да му ја даде и да се направи перика за него. И јас сакав истото да го направам за некое детенце – вели малата Кетрина, која ја донира својата природна коса.
Седумгодишната Кетрина со прекрасната долга коса и плетенката од која ќе се направи перика
На седум години Кетрина Петровска првпат ја потстрижа својата прекрасна долга коса, која ѝ беше заштитен знак. Но малата Кетрина се погрижи косата да не заврши во канта за ѓубре, туку да му помогне на болно дете. Таа е еден од најмалите донатори на природна коса од Македонија. Косичката на оваа второодделенка ќе се употреби за изработка на перика за деца што ја изгубиле косата поради болест.
Нејзината мајка Елизабета ни раскажа дека косата на Кетрина воопшто не ѝ била пострижана од раѓање, а кога помислила што да направат, се сетила дека многу дечиња ја губат косата поради болест и дека може да ја донираат. Ја контактирала македонската организација ЗЕДМ Сложувалка, од каде што ја насочиле каде да ја испрати.
- Дознавме од нив дека нема таков проект во моментот кај нас, но ни помогнаа со совети што да направиме и каде да ја испратиме косичката на Кетрина. Се работи за холандската организација „Haarwensen“, која изработува перики за деца болни од рак и ги донира. Условите беа плетенката да е долга најмалку 30 сантиметри, да не е фарбана и избелувана, да е уредно сплетена и прицврстена со ластици. Сето тоа го исполнувавме и немаше никаква дилема дали да го направиме – вели Елизабета.
Не ми беше жал да си ја потстрижам косата
Кетрина е ученик во второ одделение во скопското Основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, но за балерина учи и во Основното музичко-балетско училиште во Скопје. Тренира и кикбокс. Таа знае каде завршила нејзината плетенка и е среќна што ќе му помогне на некое детенце.
- Воопшто не ми беше жал да си ја скратам косата бидејќи знам дека некое детенце што нема коса ќе си добие. Многу сум горда и среќна. Мајка ми еднаш ми покажа едно видео со две деца. Едното беше болно и немаше коса, а другото ја пушташе косата да расте за да му ја даде и да се направи перика за него. И јас сакав истото да го направам за некое детенце – вели малата Кетрина.
Таа е љубопитно мало девојче кое расте со нејзината мајка, која пак сака да ја порасне во хуман човек. Елизабета вели дека секогаш кога се во можност донираат и облека и храна.
- И јас сум самохрана мајка и немаме многу, но секогаш кога можеме донираме. Многу е важно децата да знаат што е хуманост од мали нозе. Кетрина е најсреќна кога дава нешто, ѝ сјаат очињата кога ќе му помогне на некој. Таа ми е инспирација и понатаму да го правиме ова. Постојано дели правда, таква беше и во градинка и сега во училиште. Но, се радувам што е таква бидејќи ќе порасне во правдољубива и чесна личност – вели Елизабета.
Периките им помагаат на болните деца да водат нормален живот
Кога Кетрина и Елизабета решиле да ја донираат косата, отишле на фризер. Таму убаво ѝ ја измиле и средиле косата, ѝ сплеле плетенки. Откако ги исекле, внимателно ги ставиле во плик и ги пратиле во Холандија. Оттаму добиле информација дека плетенката е во вистински раце и дека наскоро некое дете ќе се израдува.
- Ни стигна благодарност од организацијата, ни кажаа дека некое детенце ќе добие прекрасна перика за да не изгледа веќе болно. Ние не можеме да ги излекуваме тие деца, но како што кажаа од организацијата, барем можеме да направиме да се почувствуваат здрави кога ќе се погледнат во огледало или кога ќе одат на училиште или на детско игралиште – завршува Елизабета.
Во светот постојат многу хуманитарни организации што се занимаваат со собирање природна коса, па потоа изработуваат перики за возрасни и за деца што ја изгубиле косата поради болест. Психолозите велат дека ефектите од губење на косата кај децата одат подлабоко отколку само промена во надворешниот изглед. Губењето на косата може да ја поткопа самодовербата на детето и да го ограничи да не го живее животот како што треба. Периките им помагаат на децата што страдаат од губење на косата да се пронајдат себеси и да живеат нормален живот додека трае третманот.