Васил Јанкула од Мала Преспа, кој боледува од церебрална парализа, човек со огромна волја, оптимистички дух и храбро срце,ќе го подари својот трицикл на лице со попреченост.
- На овој начин сакам да ги поттикнам лицата со попреченост да бидат поактивни во општеството, еве како мене. Сите сме исти - вели Јанкула, објаснувајќи дека може да го контактираат на адресата https://www.facebook.com/vasill.jankula.
Тој со трициклот ги оствари своите зацртани цели за лани, благодарение на поддршката од Општина Пустец и тренерот Тони Ангеловски.
Најпрво на 8 Септември, по повод независноста на Македонија, ја извози 30-километарската патека во рамките на Охридскиот меѓународен атлетски маратон. Како дел од 32. издание на маратонот, со оптимистички дух и храбро срце успеа за два часа да ја извози патеката полна со удолници и угорници.
На 11 ноември под мотото „Возам на точак за лица со попречност“ возеше низ Скопје, а потоа и на прилепскиот маратон.
Фото: МИА
Овој млад човек, и покрај својот физички хендикеп, ја извози патеката од 150 километри, во двата правци, возејќи 8 часа, од Ресен до селата од Мала Преспа, Леска, Пустец, Зарноско.
Со тоа тој покажа дека огромната волја и ентузијазмот на еден млад човек со церебрална парализа е посилен од неговите кревки мускули на кои болеста оставила неизбришливи траги.
Негова желба е да продолжи и натаму, секако, како што рече, доколку најде покровители, да помине низ цела Македонија со велосипед, а можеби еден ден да вози и низ Балканот, Европа и светот.
Извор: МИА