Хирурзи од болницата „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД, извршија трансплантација на бубрег од жив ХИВ-позитивен донор на ХИВ-позитивен примател, медицински напредок за кој се надеваат дека ќе додаде достапни органи на листата и ќе помогне за промена на перцепцијата на ХИВ.
Донорот, 35-годишната Нина Мартинез, како и примателот, кој одлучил да остане анонимен, закрепнуваат во болницата по операцијата, истакнаа лекарите. На примателот веќе не му е потребна дијализа, првпат во една година.
Процедурата е уште еден чекор во еволуцијата на ХИВ (за кој се сметаше дека значи сигурна смрт кога започна епидемијата на СИДА во 1981 година) и напредок за оние 1,1 милион луѓе што се носители на вирусот.
Стигмата околу ХИВ-позитивните лица постои и денес.
- Општеството нѐ гледа мене и лицата како мене како луѓе што носат смрт и не можам да смислам подобар начин да покажам дека луѓето како мене можат да носат живот - истакна Мартинез.
Вирусот ѝ бил пренесен со трансфузија на крв додека била дете. Мартинез се појави на конференција на која ја најави операцијата - прва од тој вид.
- Луѓето со ХИВ денес не можат да донираат крв, но сега се способни да донираат бубрег. Тие имаат болест која пред 30 години беше смртна казна. Денес се толку здрави, што можат да му дадат живот на некој друг - истакна Дори Сегев, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој го предводеше истражувачкиот тим и го отстрани левиот бубрег на Мартинез.
Од 2016 година хирурзите трансплантирале 116 органи од починати ХИВ-позитивни донори на приматели со ХИВ. Меѓу луѓето без ХИВ, повеќе од 152.000 бубрези од живи донори се трансплантирани во изминатите 30 години. Повеќе од 113.000 луѓе во САД се на листа на чекање за трансплантација на органи, а на повеќето од нив им се потребни бубрези. Други се премногу болни за да се најдат на листа или, пак, се отстрануваат од листата кога болеста ќе напредне.
Мартинез и примателот ќе останат на антиретровирусна терапија за да се контролира ХИВ-вирусот и ќе бидат под неколкумесечен надзор. Примателот ќе прима и лекови за превенција на одбивањето на органот.
Во 1983 година Мартинез и нејзината сестра близначка биле родени предвреме и набрзо развиле анемија. Мартинез била однесена во воена болница во Сан Франциско за трансфузија на крв пред да биде тестирана за ХИВ и тогаш била инфицирана. Таа и нејзината фамилија не биле свесни за тоа додека таа не била проверена пред операција на око на 8-годишна
возраст.