X
 23.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: Постизборен молк



Колумна на Наталија Тасевска

Последните локални избори во Македонија неодамна поминаа. Недела дена подоцна Македонците сè уште ги тресе постизборната еуфорија. Тие веруваат дека точно пред една недела животот на големо влегол во државата и со себе донел неброени подароци и суштински промени. Зачекорив и јас денес по кумановските улици со надеж дека ќе го сретнам некаде „животот“ да му заблагодарам што конечно се сети да намине и кај нас и да ни го обои секојдневието во црвено, ова де розово. И си чекорев така ѕиркајќи во секоја улична дупка да видам да не се завлекол таму или да не се напикал во некоја од отворените шахти да се одмори малку од стегањето рака и давање празни ветувања, но, го немаше никаде. Најверојатно поминал тука и се задушил од загадениот воздух или се удавил во матната Кумановка. Како и да е, иако никој не го видел, народот е едногласен, тој - животот пристигнал во Македонија.

Животу, не те гледаме, ама наводно си пристигнал, така што од тебе очекуваме да ги впрегнеш своите претставници и да ги принудиш да ги исполнат ветувањата што со години ги продаваат на Македонштината. Очекуваме да им ги заврзеш устите на политичарите и да нè пуштиш нас да зборуваме, без закани, без страв и без предрасуди. А од вас, од вас „носителите на животот во Македонија“ очекуваме да замолчите, да престанете да трошите пари на политички кампањи и да ги средите урнатините кои ни ги донесе долгогодишната партиска војна. Исполнете си ги ветувањата и направете ги нашите градови пријатни места за живеење. Очекуваме да се поправат клупите на кејот, да се наполни огромниот базен во Проевце и цело лето да се слушаат детски гласови, наместо завивање на кучиња скитници. Сакаме Куба и Кристал веќе да не бидат напуштени собиралишта за наркомани, туку интересни и корисни места од кои сигурно некој може да просперира. Дупките на улиците пополнете ги, паркот осветлете го. Нашата автобуската станица нека заличи на автобуска станица, а не на монополизиран кокошарник на Руле турс. Семафорите поправете ги и убедете ги луѓето да ги почитуваат. Улиците асфалтирајте ги и овозможете им на децата безбедно да чекорат по нив. Нејќеме споменици, отчет за исчезнатите пари сакаме. Внуците на оние пензионерите што бесплатно се возат само во Скопје, зашто другите градови се помалку важни, вработете ги. Редно е. Тоа им го ветија уште дури беа млади. Ама бесплатното скијање укинете им го, тоа е апсурд. Воздухот исчистете ни го. Бродови во реката не ни требаат, само машините за перење од неа извадете ги. Професорите и директорите што се осмелија да ги заклучуваат вратите на училиштата, на јавен суд да ги изведете, нивните ученици и нивните деца да им судат. Исправете ги грешките во образованието, затоа што тоа ни го ветивте. Воведете приемни испити на факултетите. Престанете да го форсирате факултетското образование и обезбедете нормални услови за работа на занаетчиите, на текстилните и градежните работници, на сите. Направете држава во која дипломата ќе има некакво значење, нема да е само парче скапа хартија. Пуштете вода во студентските домови. Не, не онаа дождовна која навлегува преку напукнатите прозорци, пуштете вода во тоалетите. Оздравете го здравството. Лекарите отрезнете ги и направете болници што личат на болници, а не на шатори без греење и без вода. Очекуваме Сител да го затворите и да пуштате документарни емисии наместо турски серии. Карти да им купите на оние во Авганистан, во Германија и Австралија дома да си дојдат во ветената идила да си живеат. Платите не мора да ги покачите, во тоа ни будалите не поверуваа.

Победивте. Сега молчете и работете. Сакавте власт по секоја цена. Еве ви ја. Сега бидете подобри од претходните. Очекуваме апсолутен постизборен молк. Ветувањата да си ги исполните. Сите до едно да ги исполните. Градете, средувајте, криви Дрини исправајте, ама да ги исправите. Гнилото да го излечите. Виновниците да ги казните. Тоа што украдоа, да ни вратите. Да, очекуваме ветувањата да си ги исполните. Градете сега, поправајте, има многу да се поправа. Градете затоа што вие ветивте, а ние поверувавме. Сега замолчете, единствено што сакаме да слушнеме се ударите на чеканите со кои се гради онаа поинаква иднина која бесрамно ја ветивте. Сè што ветивте да ни исполните и немој никогаш да заборавите дека власта ние ви ја дадовме и ако некогаш притреба, ние ќе ви ја земеме.

Автор: Наталија Тасевска

Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни