Колумна на Наталија Тасевска
Да имав многу пари, а малку обврски сега веднаш ќе си ги спакував куферите и ќе заминев на пат околу светот. Само за да видам како е таму некаде, да видам колку е поразлично таму во однос на тука. Да видам дали луѓето се толку различни или сепак се исти како нас. Со истите желби, соништа и идеали, со истите дивјачки, а истовремено нежни нагони. Ќе тргнев на патување низ низини и долини за да видам дали Сонцето и таму е мрачно како и овде, дали и таму имаат облаци од магла над градовите и свирепо го игнорираат тоа.
Да, пат околу светот. Тоа би му годело на секој човек. И на најдобриот и на најлошиот и би го научило дека не е единствен, дека не е најважен на светот, дека таму некаде по сите тие планини, мориња и реки, меѓу облакодерите, во тесните улици и широките автопати распрскани се милијарди други. Сосема различни од нас, со бела, црна и жолта боја на кожата. Возат различни коли, некои подобри, некои полоши, имаат различни навики и обичаи, пијат различни пијачки, пеат поинакви роденденски песни, имаат поинакви дефиниции на „нормалното“. Толку се различни, а во суштина толку исти. Со истите надежи, со истиот инстинкт на преживување и живееење. Битно е да се живее, подобро било како отколку никако.
Пат околу светот, по стихијата на океаните, за да стигнеме до најдалечните острови да читаме туѓа поезија, поезија од некои други времиња и други светови. Секој од нас би требало барем еднаш да тргне на пат околу светот за да види дали и таму граделе споменици на секој чекор, да види дали и таму така лесно се лепат етикети на луѓето, дали им се суди на различните, дали се прифаќаат различните, дали и таму некаде луѓето умираат од загаден воздух, а најголем проблем на владите е законот за заштита од пушење и тоа дека угостителите немале пари. Еден пат околу светот. Но не со авион или со брод, туку така пеш. Да свратиме до боиштата каде што сè уште прштат војни, да видиме колку не е фер. Колку оние што дојдоа азил да ни бараат всушност страадаат и да сфатиме дека не дојдоа од чиста мира, само така да ни пречат на нас и на нашата лажна демоктратија. Да прошетаме низ училиштата да ги прашаме учениците полагале ли некогаш екстерни тестови и какви биле тие, лесни, тешки? Да влеземе во сенатите, собранијата, кралствата, да прашаме како е, како живеат. Да видиме колку партии управуваат со државите, две, три пет или некаде и само една. Да чекориме само така по уллиците и да видиме дека некои носат скапи патики, а некои одат боси, само така. Да увидиме дека Македонија не е најдоброто место за живеење, ама дефинитивно не е ни најлошото.
Секој човек би требало да тргне на пат околу светот за да сфати дека бродот кој во реката е голем во морето е малечок. Да се искачи на највисоките планини и да ги почувствува ветриштата на промената, да плива во најдлабоките езера, да лета меѓу облаци. Да запознае други, милиони други луѓе различни од него и од нив да учи за толеранција и нив да ги учи на толеранција.
Има подобри и полоши од нас. Луѓето доаѓаат и си одат, а најдобрите пријатели се претвораат само во ликови што некогаш ги знаевме. Пат околу светот ни треба на сите, еден вид на едукативна екскурзија од Малезија, преку Индоезија до јужна Америка, па Шведска, Москва и Санкт Петербург и после Казакстан, па Кина и секаде каде што нè носи патот. Екскурзија која ќе нè натера да сфатиме колку сме малечки и колку неважни за глобалата, а колку сме важни за себе си и за луѓето кои се или беа дел од нашите животи. Ни треба тој пат околу светот за да научиме дека не сме единствени на светот и дека маките и неволјите кои не притискаат се секундарни и воопшто не се толку тешки. Ни треба за да сфатиме дека светот всушност не ротира околу нас, туку околу сонцето и ќе продолжи да ротира без разлика на нашите проблеми, срамови, без разлика на нашите титули, грешки и скапи капути. Ни треба тој пат околу светот за да ја сфатиме релативноста на времето и просторот и да научиме да скокаме од еден во друг, па трет референтен систем, сè дури не го најдеме оној во кој нашите „големи“ проблеми изгледаат како сосема мали.
Автор: Наталија Тасевска
Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси. Прочитај повеќе за Наталија на овој линк.