X
 23.10.2017 Култура

Сите жени на Пабло Пикасо


Пабло Пикасо
(Фото: Wikimedia commons)


Највлијателниот уметник на 20 век, Пабло Пикасо, бил харизматичен исто колку што бил и талентиран. Вонредната енергија што ја вложувал во своите уметнички дела единствено се поклопува со енергијата со која ги љубел жените. Токму жените ја играат суштинската, но комплексна улога во творештвото на таткото на кубизмот, изразувајќи емоции и психолошки увид во драмата на човековата егзистенција.

Жените како инспирација

Познатиот женкар имал стотици љубовници. Но неговите техники на заведување во најмала рака биле необични. Кога ќе му се допаднела некоја девојка, ѝ праќал златна фигуричка од малечок маж со огромен фалус, како знак дека ја посакува. И тоа го правел пред очите на својата законска сопруга. Едноставно, верноста не била дел од неговата природа.

Ставот на Пикасо кон жените бил опишуван како шизофрен – неговите чувства осцилирале меѓу екстремна нежност и насилна омраза. Сепак, бил опседнат со нив и не можел без нив. Единствено што барал е да бидат понизни и подредени. Таквиот доминантен став најдобро е изразен во една негова позната изјава:

„За мене постојат два вида жени – божици и пачаври.“

Колку големо влијание имале жените врз неговото творештво, говори и цената што тие ја платиле како негови музи – две доживеале нервен слом, а две извршиле самоубиство.

Младиот Пикасо

Уште на своја 13-годишна возраст тргнал по стапките на својот татко – почнал да посетува бордели. По завршувањето на уметничкото училиште во Мадрид, заминува за Париз, заедно со двајца колеги сликари. Таму му ја презема девојката на едниот, по што тој се самоубил.

Таа трагедија го оформила Синиот период во творештвото на Пикасо, симболизирајќи ја тагата кон својот пријател и меланхолијата што ја чувствувал.

Кратката романса што ја доживеал со извесна Маделејн му помогнала да почне да го гледа и претставува светот во розови нијанси. Иако никогаш не зборувал за неа, пронајдената слика од неа во неговото ателје говори за големото влијание врз промената на неговите емоции, па следствено на тоа, и во боите со кои сликал. На таа слика доминираат презаситена портокалова боја и посветли, розови нијанси.

Но, во 1904 година ја сретнал неа...

Фернанда Оливие (1881 – 1966)


Фернанда работела како модел на голем број уметници – имала впечатлива црвена коса, бадемести очи и женствена фигура. Со неа уметникот во целост му се предал на својот розов период, а насликал над 60 портрети од неа.

Таа врска се базирала на страст и љубомора од самиот почеток: ѝ забранил да им позира на други уметници и како што растела неговата популарност, така станувал сè попосесивен. Врската траела до 1912 година, која ја прекинале поради заемно неверство.

Ева Гуел (1885 – 1915)

Пикасо ѝ се одмаздил на Фернанда влегувајќи во врска со нејзината пријателка Марсел Хамберт, нежна, вита млада жена која ја нарекол Ева. Нивната врска била интензивна, но тоа не го спречило да им се додворува и на други жени. Нејзината личност останала енигма затоа што постојат само две фотографии од неа. Пикасо никогаш не ја насликал, но и оддал почест на неколку слики со зборовите Ma Jolie. Кога во 1915 година Ева заболела од туберколоза, Пикасо бил поразен. По нејзината смрт, тој се преселил во Рим, каде што гостувал рускиот балет...

Олга Хохлова (1891 – 1955)

Руската балерина Олга го маѓепсала уште на првата средба, но иако не сакала да му се потчини, сепак му станала сопруга во 1918 година, и мајка на неговиот син Пауло.

Олга изразувала презир кон неговиот неугледен кубизам и инсистирала да биде прикажана на блескав академски начин. Воделе конфликтен живот – Пикасо бил неконвенционален и рамнодушен кон општествениот статус, додека Олга била припадничка на буржоазијата, живеела на висока нога и била патолошки љубоморна. И тоа не без причина.

Неисполнета, огорчена поради губењето на кариерата, неверствата на сопругот... доживеала нервен слом. Го зела синот со себе и заминала во Франција, каде што поднела барање за развод на бракот. Меѓутоа, Пикасо никогаш не се согласил на развод затоа што не сакал да го дели своето богатство со неа.

Мари-Терез Волтер (1909 – 1977)

Бегајќи од канџите на Олга, Пикасо на улица сретнал преубава девојка со руса коса која набрзо му станала љубовница. Мари имала 17, а Пикасо 46 години, па морале да ја кријат својата врска сè до нејзиното полнолетство. Мари станала неговата најдолготрајна врска, можеби и единствената жена што вистински го усреќила. Нејзиниот лик е познат како едно од неговите најславни дела. Имала идеални пропорции, според него, и му била потчинета, па Пикасо лесно ја манипулирал да одговори на неговите сликарски и скулпторски сензибилитети.

Нејзините слики, иако се многу сензуални, исполнети се со нежност, која отсуствува кај сликите од други жени. Мари ја родила нивната ќерка Маја во 1935 година, но и тоа не било доволно за да го задржи Пикасо покрај себе. Иако му била верна, ја одбила неговата понуда за брак после смртта на Олга. Го оставила откако ја изгубила неговата љубов поради друга жена и се обесила во 1977 година.

Нејзината статуа се наоѓа на гробот на Пикасо како симбол на неговата вечна љубов кон неа.

Дора Маар (1907 – 1977)


Со своите 29 години, Југословенката Дора Маар, родена како Хенрита Теодора Марковиќ, била речиси двојно помлада од Пикасо. Била убава и талентирана интелектуалка, сликарка и поетеса, и вистинска приватна муза на Пикасо.

Била сведок на создавањето на неговата прочуена Герника, но и инспирација и мотиватор за ова дело. Уметникот насликал десетици нејзини портрети, секогаш прикажувајќи ја како тажна и расплакана. Се смета дека причината за тоа бил фактот дека не можела да има деца.

Иако перспективна фотографка, Дора се откажала од својата кариера и на инсистирање на Пикасо се посветила на сликањето. Често била исмејувана од него за своите слики, тврдејќи дека таа го копира. Сепак, факт е дека таа влијаела врз неговиот стил и творештво, несебично споделувајќи ги своите идеи со него, но како што самата кажала, резултатот секогаш бил – Пикасо.

Кога ја заменил со 40 години помлада љубовница, Дора доживеала нервен слом и завршила на психијатрија. Починала напуштена од сите, во длабока депресија и крајна сиромаштија, иако ја поседувала сликата од Пикасо – Жената која плаче. Оваа слика подоцна била продадена за 37 милиони франци.

Франсоа Жило (родена 1921)

За време на окупацијата во 1943 година, Пикасо ја запознава тогаш 21-годишната сликарка Франсоа Жило. Иако никогаш не се венчале, добиле две деца – синот Клод и ќерката Палома. За време на нивната врска честопати била физички напаѓана од страна на Олга.

Пикасовите слики од тој период најчесто се фокусирани на семеен живот, но на многу од нив ја прикажувал како незаинтересирана мајка за децата што играат околу неа.

По раскинувањето, и покрај неговите обиди да ја спречи во намерата, објавила мемоари под наслов „Животот со Пикасо“, доживувајќи голем успех. Пикасо, кој се чувствувал предаден, до крајот на својот живот одбивал да ги види своите деца. Таа се премажила, постигнала успешна сликарска кариера, но објавила и неколку романи.

Жаклин Рок (1926 – 1986)


Омилениот модел на Пикасо тогаш била 27-годишната Жаклин Рок, која го доживувала како божество. По смртта на Олга, се оженил со Жаклин, но продолжил со неверствата. Во текот на нивната 20-годишна врска создал над 200 портрети од неа и тоа бил периодот на експлозија на неговата креативност.

Посесивната Жаклин успеала да го отуѓи од светот, им забранила на неговите деца да го посетуваат, го негувала кога имал проблеми со простатата и била покрај него кога починал.

По неговата смрт во април 1973, таа се оддала на алкохол, не можејќи да го поднесе светот без него. Си го одзела животот во 1986 година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура