X
 26.10.2017 Колумни

КОЛУМНА: За моето Скопје



Колумна на Виктор Ефтимов

За моето Скопје имав грстови убави зборови. Ги носев в џеб за да ги расфрлам по улиците на кои им го подарив детството и чии пукнатини ме ничкосуваа наземи додека бегав од пријателите, играјќи криенка, граница, брканица итн. За секоја лузна постоеше и вдлабнатинка во тврдиот асфалт која барем еднаш ме кутнала удолу, за потем да ги сети горчливите солзи на детето што ги скрши убавите зборови при падот. А такви зборови порано полесно се наоѓаа и потешко се кршеа. Се случуваше дури и да ги пронајдам во изобилие, па да морам, скриени в куфер да ги расфрлам низ светот кој дотогаш го имав истражено, та луѓето да слушнат за моето Скопје; дека беше едноставен град со голема душа.

Денес, моето Скопје го чувствувам како туѓо. Ги чекорам истите улици и наидувам на истите дупки, но убави зборови повеќе немам. Згаснаа заедно со духот на градов, кој впрочем, иако е толку празен, тој е толку многу задоволен со самиот себе. А како да не биде, кога за секоја побуна уште посилно го газат оние што го присвоија, го изобличија и го оковаа во пранги. Го преобразија во нешто што никогаш не бил, ниту пак некогаш сакал да стане.

Првин му ги отстранија парковите, претворајќи ги во катни гаражи. Сега заедно со моето Скопје и јас кашлам дури го дишам воздухов што ми навира и ме прави да се чувствувам труло. Потоа ги урнаа детските игралишта за да изградат нови станбени згради, па наместо детскиот плач, чинам, го слушам градов како тивко липа притиснат меѓу чеканот и наковалната. Кога ни тоа не беше доволно, решија да го доукрасат со барокни фасади, споменици и секакви други налудничави идеи. Та глеткава боде очи како раска во зборот при самата помисла дека некој некаде во Скопје нема ни канализациска мрежа. А можеби и има, но сепак повеќе ја претпочита улицата, или Вардар – како место каде што...

Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет.

Ама тебе не ти се потребни трње како украси, оти и онака сонце немаш видено. Ни сета античка убавина на светов, која наводно ти прилепува некаква важност – ни таа не ти е потребна, бидејќи те прави да изгледаш старо и неубаво. Но, бездруго по калдрмата твоја јас утре пак ќе се движам, со лесен чекор и тегобна тага. Овде нема простор ни зборче да пишеш, а камоли да се протнеш пеш.

О! Мое Скопје! Повеќе не би можел да те славам, дома и во странство, со зборови кои одамна се потрошија. Сè што ми остана се само сеќавања на некогашното твое величие, наспроти сегашново сознание дека те третираат како евтино парче месо фрлено на пците, но ни тие не го јадат, зашто е пцовисано. А заедно со него пцовисуваме и ние. И сè додека не отвориш очи и не пуштиш крик – градот убав не ќе никне со убав лик.

Автор: Виктор Ефтимов

Виктор Ефтимов е студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни