Симбиотскиот однос, во психолошка смисла, претставува дисфункционален однос меѓу две лица, во кој тие се како едно, емотивно и ментално се зависни (имаат исти ставови, вредности, уверувања). Практично, тоа се два идентитета кои функционираат како еден, индивидуалните потреби се занемарени и секоја желба да се излезе од „сојузот“ е остро осудена, придружена со агресија или емоционални манипулации на другиот член на симбиозата. Ваквите односи можат да ги изградат пријатели, емотивни партнери, но дисфункционалноста на симбиотските односи кои се изградени во примарното семејство, помеѓу родителите и децата, остава најголеми негативни последици врз индивидуата.
фото извор: Parenting
Кога детето е мало и не може самостојно да функционира, тоа е зависно од родителите, кои го штитат и му обезбедуваат опстанок. Меѓутоа, оваа врска постепено се раскинува во подоцните фази на развојот, особено во периодот на адолесценција кога младото лице изразува своевиден бунт кон околината, но и кон своите родители, борејќи се за сопствена слобода за размислување, одлучување и слично.
Во симбиотските односи родителот се обидува да скрши какво било преземање иницијатива кај детето, не му дозволува да го изгради сопствениот идентитет и индивидуалност, да донесува самостојни одлуки, и тоа со помош на заплашување, закани и казни. Како резултат на тоа, се формира личност која не е во состојба самостојно да чувствува, мисли или да дејствува. Ваквото лице станува зависно од едниот или од двајцата родители, па со време му е сè потешко да направи нешто самостојно и така како што сака; кај тоа лице е формирано уверување дека не треба да има свои желби, мислење, интересирање, цели.
Некои лица го прифаќаат ова како нормален начин на живот и така се однесуваат, па се условени да се однесуваат како што нивните родители сакаат, преку различни видови емоционална манипулација, пред сè, подметнување чувство на вина, намалување на посветеното внимание или изразување бес и агресија од страна на родителите. Од друга страна, кај нив постои голем страв од напуштање на родителите во психолошка смисла, бидејќи светот е непознато и опасно место во кое нема да се снајдат сами. Некои успеваат да сфатат дека овој начин на живот не е функционален, па се извлекуваат од него.
Симбиотските односи може да се пренесат трансгенерациски, на пример, ако мајката живеела во семејство кое е симбиотско, тогаш најверојатно и таа на ист начин ќе ги воспитува своите деца. Симбиотскиот однос еден родител-дете може да биде создаден доколку односите меѓу родителите се лоши, или еден од нив е агресивен. На пример, мајката може да има симбиотски однос со синот во семејство каде што таткото е агресивен и емотивно ја занемарува сопругата.
Мајката од односот со синот ги добива сите емоции и заштитата што ѝ е потребна. Обично детето стои во одбрана на родителот-жртва и така се наоѓа во улога на возрасен, која не му припаѓа. Подоцна ваквата личност може да биде спречена да основа свое семејство или е условена да живее со својот партнер во рамките на примарното семејство за да не ја наруши симбиозата. Исто така, преку симбиотските односи со детето се случува еден или двајцата родители да реализираат некои свои неостварени желби, на пример, детето мора да се запише на одреден факултет, да тренира некој спорт, бидејќи неговите родители не се реализирале во таа сфера. Најмалку е битно што сака личноста, кои се нејзините таленти, можности, интереси, емоции, па практично лицето не води сопствен живот, туку родителите го водат наместо него или преку него.