Во пресрет на акцијата
No Shave November ги поставуваме следните прашања: каков впечаток остава мажот со брада и мустаќи врз другите луѓе? Дали брадата е симбол на
машкост? Како се гледало на овие прашања низ историјата?
Феноменот брадести мажи најпрво можеме да го согледаме од биолошко гледиште. Влакната на лицето не би постоеле без биолошка причина, зарем не? Прачовекот бил значително повлакнест на сите делови од телото, вклучително и лицето. Тие му обезбедувале пострашен изглед на мажот пред непријателите во борбата за преживување. Исто така, како и денес, биле извонредно корисни во зимските месеци. Значи, слободно можеме да заклучиме дека брадата треба да биде на лицето затоа што тука ѝ е местото.
Но, овој став може да биде меч со две сечила. Според оваа логика, и влакната на женските тела треба да се наоѓаат таму каде што се наменети. Но, жените вложуваат труд и напор да се „ослободат“ од нив, без оглед дека можат да им користат во зима, а би заштедиле и прилични износи кои ги трошат на депилации.
Тоа значи дека влакнавоста не само биолошки, туку и социјално е одредена. Сега да го преформулираме првичното прашање: дали во моментов брадата е естетски и социјално прифатлива? Одговорот е – апсолутно ДА.
Доказ за ова тврдење може да се најде на секој чекор на профилите на „Инстаграм“ и на „Фејсбук“. Едноставно, насекаде околу нас има брадести мажи. Всушност, брадите станаа вонредно популарни во последниве години поради хипстер-стилот.
Но, не можеме да тврдиме дека брадите биле популарни во текот на целата историја.
Да речеме Александар Велики бил прилично строг по прашањето на бричење на брадите и мустаќите кај своите војници. Сметал дека брадата може да ја намали силата на војникот затоа што во борба лице в лице непријателот може да го повлече за неа.
Од друга страна, и ден-денес се смета дека избриченото лице се поврзува со момчештвото. И Платон говорел за момчиња со голи образи кои штотуку влегле во пубертет. Со самото тоа, чистото, избричено лице може да биде и синоним за незрелост.
Треба да се напомене дека поврзувањето на чисто лице со незрелоста се базира исклучиво на првиот впечаток, што значи дека некоја сериозна личност може да има избричено лице, но, сепак, нема така да изгледа на прв поглед, како што можеме да заклучиме од наведените студии.
Значи, мажите што носат брада на прв поглед на другите им изгледаат сериозно, па тие поединци оставаат впечаток на вистински алфа-мажјаци. Некои учесници во студијата ги окарактеризирале мажите со брада и како агресивни. Заклучокот е едноставен, агресијата, како и растењето на брадата, е предизвикана од тестостеронот –
машкиот хормон.
Во таа смисла, слободно можеме да кажеме дека брадата е симбол на машкоста, но таа исто така може да биде и симбол на несреденост. Порано основната хигиена не им била достапна на сите еднакво, па затоа избриченото лице тогаш претставувало престиж.
Брадата треба да се негува исто како и косата, треба редовно да се потстрижува, да се чешла и мие. Маслата за нега на брадата можат многу да помогнат во обликувањето за да се постигне убав, негуван изглед.
Покрај тоа, постојат многу начини да се носи брада, а само еден за да ја нема на лицето. Тоа значи дека брадата може да помогне за поубаво „врамување“ на лицето, како и да се истакне најпривлечното на него – мажественоста.