X
 03.11.2017 Култура

Инсерт од историскиот трилер „Сенки над Балканот“

Серијата „Сенки над Балканот“ од 5 ноември, со почеток во 20.45 часот, ќе почне да се прикажува на Македонската радиотелевизија. Српско-македонско-руската продукција во која учествува „Скопје Филм Студио“, ќе се прикажува секоја недела, а репризата ќе оди секоја наредна сабота. Серијата веќе се прикажува во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Првата епизода во Србија достигна гледаност од 2.123.000 милиони гледачи.



ТВ-серијата „Сенки над Балканот“ е историски трилер со дејствија кои што се одвиваат на почетокот на 20-от век главно во Белград и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија. Гледано од драматуршки, режисерски и естетски аспект, оваа серија, спакувана на високо продукциско и уметничко ниво, прави голем пресврт и храбар чекор напред нудејќи освежување на актуелната понуда кај нас со нешто сосема ново и налик на играните серии на HBO и Netflix, велат од продукцијата.



Серијата по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ е меѓународна копродукција помеѓу Кобра Филм - Србија, Скопје Филм Студио - Македонија и Искра - Русија. Како копродуценти на серијалот со свое учество се вклучија и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а истата е финансиски поддржана од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија. Режисер на осмата епизода која главно се снимаше во Битола и околината е Игор Иванов. Улогите во серијата ги толкува плејада на актери, меѓу кои Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Aлексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.

Снимањето на серијата започна во октомври минатата година, а заврши летово и се одвиваше на локации во Србија и филмското студио Бaранда, а во Македонија – Манастирот Рождество на „Пресвета Богородица“ во с. Сливница, во с.Буково и околината на мариовското село Скочивир. „Сенки над Балканот“ беше промовирана на 23. Сараевски Филмски Фестивал, Филмските средби во Ниш, 38. Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“ и 2. Интернационален филмски фестивал „Киненова“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура