Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Она што најмногу ме чуди во постмоментумот на „Царот е гол“ не е изненадната храброст да се соочиме со голотијата на царот, не е ниту прв ниту последен што бил измамен во сопственото „огледало“, ниту пак фрапира ситуацијата на масовноста на оние што прогледаа без „розовите очила“, ами фактот што наеднаш сите знаат КАКО треба да се постапува, КАКО да се уредат нештата, улиците, политиките и процедурите за работа. Зарем не е тоа таа истата сеопшта и сенародна експертиза за сите прашања од која се гнасевме? Зарем не баравме професионализација на работните места? Зарем не остана ништо човечко во нас, туку сите станаа експертски АЈ -ТИ машини (гуглајќи) кои ги имаат одговорите на сите прашања? Зарем до толку станавме очајни по морални вредности што веќе сите се обидуваме да морализираме, ослободени од некој претходен молк за етиката на средствата и целите?
Да не заборавиме, сепак на крајот од денот средствата и целите се најважни. Секому, без разлика на која каста припаѓа. И да не се заборавиме во слободата, оти неограничена слобода, пуштена да грака по Фејсбук, е всушност, ништо друго ами ресоздавање на хаосот. Слободата, барем онаа демократската, колку и да звучи апсурдно, е истовремено и ограничување, пропишана слобода согласно законот и законските прописи. И тоа оној закон „повисок и од законите што ги носи човекот“.
Па се прашувам, дали сега откако прекуноќ (кхм-кхм) станавме експерти за сите прашања, затоа што во победничкиот камп нема лузери и нема такви што не знаат сѐ, ќе знаеме и да си го фрлиме ѓубрето кај што треба?! Ќе знаеме ли да возиме внимателно; ќе знаеме ли кои ни се вистинските приоритети за поквалитетен живот; ќе знаеме ли дека загадувањето на воздухот и почвата всушност е загадување на храната што ја јадеме ние и нашите деца; ќе знаеме ли да гласаме пак на следните избори со ладна глава; ќе знаеме ли да престанеме веќе еднаш да бидеме статистичка бројка со која политичките лидери си играат бриџ на масата?!
Да си бидеме на јасно – сите ефикасни акции бараат некои морални пропусници. Ама тоа не значи дека секоја акција ќе мора да ја морализираме. Најмалку ќе имаме што да кажеме особено пак ако истовремено не си го чистиме ни сопствениот двор. Од друга страна, соочени сме со двојна острица – од страв да не завладее хаос и еднопартиски систем се впуштаме во морализаторски теми за тоа КАКО треба(ло) или кои средства се најефикасни за користење, па сме во улоги на „народни војници“ и „борци за (социјална или индивидуална) правда. Во ситуација на колективна свест можеби е добро да се знае и кога треба да се избалансира за да не се потроши целата енергија на детерминирање на границата на моралот и етиката. Но, кој е тој/тие што ќе успеат да ја избалансираат таа сенародна енергија на носење судови за сенешто која упорно на сите прашања (па дури и тие најбаналните) силно вика: „Ама царот е гол!“
Е добро де, ама не е прашањето веќе дали е царот гол, и што и како треба да се прави со неговата голотија, туку колку народот е/или ќе остане соголен?!
Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.