X
 31.08.2017 Култура

Запознајте ги новите колумнисти на Факултети.мк

Пет колумнисти, почнувајќи од понеделник, во наредните 12 недели ќе ги збогатуваат содржините на Факултети.мк. Тие беа избрани на конкурсот објавен на почетокот на летото, на кој се пријавија повеќе од 60 заинтересирани. Избравме шест, но еден од нив се откажа во последен момент. Во овој своевиден натпревар победникот на конкурсот ќе добие награда – Факултети.мк ќе му објави роман. Но, и сите колумни ќе бидат објавени во печатено издание.



Читајте, споделувајте, лајкувајте, тие имаат интересни ставови и погледи на светот. Ждрепката вака пресече: во понеделник ќе пишува Наталија Тасевска, во вторник - Лилјана Пецова-Илиеска, во среда – Марија Грубор, во четврток – Виктор Ефтимов, а во петок – Викторија Митевска. Во продолжение ви ги претставуваме нашите колумнисти:

1. Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси. Моментално е во САД на Work and Travel, од каде што ќе ги испраќа колумните. Наталија вели:



Се пријавив на конкурсот затоа што тоа е шанса за мене да пишувам, некој да го прочита и вреднува напишаното. Љубовта кон пишувањето кај мене почна да се развива во средно училиште. Тоа беа времиња кога читавме лектири и пишувавме есеи во кои гласно ги искажувавме своите мислења и ставови. Денес, како студент во четврта година на ФЕИТ, малку се оддалечив од пишувањето како уметност, а од средношколските денови, освен кафињата во „Агора“ после школо, најмногу ми недостигаат часовите по македонски јазик и литература на кои ги браневме и им судевме на Странецот и на Раскољлников, патувавме со Гуливер, лажевме со Тартиф и страдавме со младиот Вертер. Тоа одамна помина, меѓутоа, крвта во мене сè уште врие, нешто се бунтува и ме тера да врескам и да го искажам незадоволството од овие времиња чудни, за нас некако погрешни. Оваа наша младост проткаена со политика и цинизам, а крунисана со верба во едно порадосно утре е навистина инспиративна. Иако горчливи, овие времиња се материјал за чиста поезија.

Читајте ме. Во наредните 12 недели ќе пишувам за животот, за вино, кафе и љубов, за нашата младост и нашите спомени. Во наредните 12 недели ќе се обидам да го дисецирам коренот на општеството и да откријам каде е она гнилото. Ќе пишувам за стереотипите и предрасудите и за недостигот на толеранција. Ќе се обидам да докажам дека дефиницијата на нормалното зависи исклучиво од референтниот систем од кој набљудуваме. На пиедестал ќе ги ставам „чудното“ и „ненормалното“ и безусловно ќе ги поддржувам оние што се доволно луди и веруваат дека можат да го променат светот, зашто светот може да се промени, ако не за нас, тогаш сигурно за нашите деца.

Мислам дека ќе победам затоа што моите колумни се брутално искрени и немаат ни трошка хипокризија во нив, а проткаени се со поезија и сарказам. Во нив секогаш се трудам да го кажам она што потајно секој во себе го мисли, но не се осмелува гласно да го извика, бидејќи оние различните од нас можат да ни судат. И токму поради ваквиот пристап, знам дека тие погодуваат директно во сржта на системот, а таму е најгнило.

2. Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници. Лилјана вели:


Се пријавив на конкурсот затоа што... Хм, па од две причини: прво, затоа што сакам ДА ПИШУВАМ, и второ, затоа што примамлива беше наградата - да се објави она што се пишува е секако одлична можност „да се остави трага зад себе“. Секогаш имам поголема почит кон хартиени корици отколку кон онлајн-линкови на кои по извесно време им ја губиш трагата. Печатената книга си има посебен здив, зборот има уникатен мирис и поголема сопствена тежина кога читаш КНИГА. А да не зборувам, пак, за главната награда - објава на РОМАН! Е тука веќе ме купија од прва. :)

Читајте ме. Во наредните 12 недели ќе пишувам за... Не знам за што ќе пишувам. Размислував да се определам за одредена тема или област и да наоѓам предизвици за дискусија, но решив дека не можам ништо да решам однапред. Ај да бидеме искрени отпочеток: ќе пишувам за она што ќе ме инспирира во моментот. Така ќе си дадам себеси доволно слобода за размислување, а и доволно простор за различни читатели. Всушност, колумнистот пишува на разни теми за кои го дава своето мислење и е дел од јавната сфера на дискусии. Не знам за ШТО ќе пишувам, ама знам КАКО НЕМА да пишувам. Прво, сигурно нема да се поистоветиме со колумнисти кои даваат совети или одговори на поставени прашања од читатели, напротив, очекувајте да поставам и многу (реторички) прашања, повикувајќи ве индиректно да (си) реплицираме. Повеќе од сигурно е и дека нема да ме препознаете во типот на колумнисти како Џелал или Галип (ликови-колумнисти од познатиот роман на Орхан Памук - „Црна книга“), ниту пак колумнист кој ќе личи на познатата Луела Парсонс. Јок, ништо од сето тоа! Е затоа пак, Дубравка Угрешиќ може да послужи како пример за лесна лектира. Кој знае, знае.

Мислам дека ќе победам затоа што моите колумни... Тамам работа да мислам толку претенциозно, горделиво и нарцисоидно. Не мислам, туку само се надевам. Моите колумни нека бидат инспирација за убави дискусии, форуми, заемно растење во мисла и во збор. И не секогаш ќе бидам во право. Еднакво ќе си посакаме среќа и успех со моите колеги по перо овде, изразувајќи почит кон сечиј збор однапред, оти себебендисаноста „не чиниТ, оти е трнливо шило во срцето на зборот и ќе немаТ после кој да те читаТ“ (Марко Цепенков кога седел пред дуќанот во Прилеп и думал лафои).

3. Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград. Марија вели:



Се пријавив на конкурсот затоа што прво, опседната сум со пишување во повеќе облици, од кои колумните се во топ-3, а второ, ова е одличен предизвик за да седнам со себе и да ги срочам своите ставови најдобро што умеам.

Читајте ме. Во наредните 12 недели ќе пишувам за сите предизвици што ги сметам за значајни во борбата против конзервативниот менталитет, политичкиот хиенизам, киднапираните сегменти на културата, но и иницијативите што ги сметам за главни жаришта на иден развој.

Мислам дека ќе победам затоа што моите колумни... Искрено кажано, сѐ уште не можам ова да го доживеам како натпревар, и не сум специфично мотивирана од можната победа. Пред сѐ, се радувам на можноста да добиеме инфузија на квалитетни перспективи во тесниот медиумски простор и едвај чекам да ги читам колумните на останатите автори.

4. Виктор Ефтимов е студент на Факултет за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ). Одговорен, истраен, посветен и фокусиран, тој е емотивно интелигентна личност, толерантен е, коректен и самосвесен. Има космополитски став кон светот. Сака да чита книги, сака шах. Виктор вели:


Се пријавив на конкурсот затоа што пишувањето отсекогаш ми предизвикувало задоволство и сакав да видам колку вреди тоа што го пишувам.

Читајте ме. Во наредните 12 недели ќе пишувам за...
Не знам точно за што ќе пишувам. Тоа ќе биде некоја актуелна тема или настан, а пред сè момент на инспирација.

Мислам дека ќе победам затоа што моите колумни...
Не ми е битно дали ќе победам, важно ми е тоа што ќе го напишам да им се допадне на оние што ќе го прочитаат.

5. Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата кон пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето. Викторија вели:



Се пријавив на конкурсот затоа што ова е можност за слободно изразување, творење и пишување, можност за истражување, осознавање и навлегување во сржта на одредени теми и мотиви од секојдневниот живот. Истовремено, ова е начин на претставување ставови и мислења, сопствени сфаќања и индивидуален начин на гледање на нештата во рамките на групната слика.

Читајте ме. Во наредните 12 недели ќе пишувам за теми од нашето секојдневие, за актуелности кои задираат во животот на секого, за општествените збиднувања, тематики кои се присутни и еднакво занимливи и за постарите и за помладите генерации.

Мислам дека ќе победам затоа што моите колумни ја отсликуваат и претставуваат реалната слика за она за што се пишува, доволно разбирливи и интересни за секого, проткаени со елементи кои го задржуваат вниманието на читателот.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура