X
 06.11.2017 Култура

Влијанието на социјалните мрежи врз знаењето: дали заглупавуваме?!



(Фото: Pixabay)


„Википедија“ моментално се наоѓа во егзистенцијална криза. Иако до неодамна инсистираа на помош од корисниците, проблемот сепак не е од финансиска природа.

Како што тврди Хусеин Деракшан од „Вајерд“, проблемот е во бројот на корисници што ја „хранат“ страницата. Имено, идејата за „Википедија“ е истоветна со идеите на секоја друга енциклопедија – да се собере на купче комплетното знаење на човечката раса. Идејата е присутна уште од времето кога исламските ученици се обидувале да соберат знаења од сите подрачја, преведувајќи ги грчките, персиските или сириските текстови на арапски.

Осмели се да знаеш


Во 9 век персискиот научник Ибн Кутајба ја создал првата вистинска енциклопедија – десет книги за моќта, војната, благородништвото, молитвите, учењето, елоквенцијата, пријателството, храната и жените. Еден век подоцна неговиот персиски колега Ел-Хорезми направил нешто слично, но и Кинезите имале своја сопствена енциклопедија која се појавила во 7 век.

Што се однесува до Европа, идејата за модерна енциклопедија се појавила во 18 век со појавата на просветителството. Имануел Кант го искова и латинското мото на движењето – „Sapere aude“ или „Осмели се да знаеш“ или „Имај храброст да го користиш сопствениот ум, без туѓо водство“ (кој го позајмил од Хорациј).  Френсис Бејкон и Дени Дидро почнале да компилираат амбициозни енциклопедии, поттикнувајќи слични активности низ Европа.

Иако владејачката религиозна класа чувствувала непријатност од ваквиот тренд, очигледно постоел пазар каде што доминирала секуларната средна класа. Првото издание од 1751 година им било продадено на 2000 претплатници кои ги добиле сите 28 тома од Големата француска енциклопедија.

Познатите револуционерни умови како Волтер, Русо и Монтескје работеле на енциклопедијата, поради што некои од нив завршиле и во затвор. Но, по само 17 години од првото издание почнала Француската револуција, која поставила темели на една од најсекуларните држави во историјата на човештвото.

Телевизијата променила сè

Идејата за просветителството била загрозена многу пред појавата на интернетот. Нил Постман во својата книга од 1985 година „Amusing Ourselves to Death“ констатирал дека популаризацијата на телевизијата не значела само нов медиум, туку и нов дискурс. Постепеното префрлување на културата од типографска во фотографска форма значело и транзиција од рационалното во емоционалното.

Во културата сосредоточена на фотографии и уживање нема место за рационално размислување затоа што едноставно не може да се размислува преку фотографии, тврдел Постман: „Текстот е тој што ни овозможува да ги разоткриеме лагите, збрките и претераната генерализација, да ја детектираме злоупотребата на логиката и здравиот разум. Истовремено тоа значи и мерење на идеите, да ги споредуваме и спротивставуваме тврдењата, да спојуваме една генерализација со друга“.

Ако малку размислиме околу тоа, не е тешко да се дојде до заклучок дека тој бил во право. Имено, телевизорите го променија начинот на кој функционираме. Го променија нашето доживување на светот и влијаеја врз политиката, религијата, бизнисот и културата. Многу аспекти од модерниот живот се сведоа на забава, сензационализам и трговија.

„Американците не зборуваат меѓу себе, а ние меѓусебно се забавуваме. Не разменуваме идеи, туку фотографии“, напишал Постман.

Како да се спаси „Википедија“?

Интернетот на почетокот беше против овој тренд затоа што кога се појави (на крајот на 80-тите) беше медиум кој се темелеше на текст. Беше алатка насочена кон знаење, а не кон уживање. Се разменуваа идеи и се работеше за интелектуален проект кој не се вртеше околу комерцијализација и контрола.

„Википедија“ беше проект на таа „почва“. „Гугл“ и блоговите, исто така. Тие ефикасно придонесуваа кон глобалниот корпус на знаење. Повеќе од една деценија интернетот беше алтернатива која ја загрозуваше моќта на телевизијата.

Но, тогаш се појавија социјалните мрежи и ја колонизираа мрежата, враќајќи нè назад. Погледнете ги само „Фејсбук“ и „Инстаграм“. Медиуми кои се сведуваат само на фотографии и видеоматеријали, кои емоционално ги надградуваме со лајкови. Наместо потрага по знаења, сè се сведува на барање потврда и публика пред која постојано „ќе настапуваме“.

Љубопитноста е заменета со потрага по она што веќе го знаеме или го мислиме. „Осмели се да знаеш“ стана „Осмели се да не се грижиш за знаењето“. Францускиот филозоф Ги Дебор напишал дека во времето пред појавата на капитализмот сме биле насочени кон „да се биде“, а потоа кон „да се има“. Во таа фаза најважно е „како ќе се дејствува“. Да се дејствува како да сме богати, среќни, полни со разбирање, да сме „кул“ и космополитски настроени. Само еден поглед врз „Инстаграм“ е доволна потврда за ова.

Предизвик е да се спаси „Википедија“ и да се сочува сето тоа знаење за кое никој повеќе не се грижи. Телевизијата ја инфицира „Википедија“ и сега најпопуларни текстови се оние што се однесуваат на популарните актери и на сериите во кои се појавуваат.

Тоа не значи дека треба да се откажеме, но мора да сфатиме дека ваквото постепено пропаѓање на мрежата и на „Википедија“ всушност е дел од поголемата цивилизациска промена што само што почна.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура