Состојбата во Музејот на Македонија е најсериозна
Кофи по подовите, прозорци низ кои се слева вода, паднати делови од спуштени плафони, кабли од инсталации, цели под вода... Ова се слики од Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија, Музејот на современата уметност на Скопското Кале и Драмски театар во Карпош кои се најпогодени од дождот кој неколку дена врне во македонската метропола.
Заменик-министерот за култура Владимир Лазовски и директорот на Музјеот на Македонија, Гордан Николов (десно)
Погодени се уште десетина други објекти од културата низ цела земја.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и неговиот заменик, Владимир Лазовски вчера направија увид во најпогодените институции. Во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски итен буџет ќе се пренамени за да се санира покривот и да се создадат елементарни услови за работата на Драмскиот театар.
Владимир Лазовски при увидот во Драмски театар
- Сите национални установи да направат итен увид во состојбите и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите. Констатирано е дека дури и при дождови кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за нив. Наша цел е таа негрижа веднаш да запре – велат од Министерството за култура.
За Драмски театар ветуваат итен буџет за санација
Веројатно најсериозна е состојбата во Музејот на Македонија, која е последица на долгогодишната негрижа и несанирањето на последиците од минатогодишниот земјотрес и поројните дождови од март годинава.
- Иако новото раководство презема итни мерки, потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од Буџетот. Музејот на современата уметност - Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе места, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Наитните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати – велат од Министерството.
Протекува и покривот на Музејот на современата уметност кој неодамна беше реновиран
Дождовите предизвикаа оштетувања и во Театар Комедија во Скопје, Центрите на културата во Струга, Струмица, Дебар, Кочани, Конзерваторскиот центар во Гостивар, Музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево, а на археолошкиот локалитет Стоби постои опасност од изливање на Црна Река.