X
 24.11.2017 Технологија

„Фејсбук“ ви овозможува да проверите дали сте лајкнале лажна вест

fb
Фото: AFP

„Фејсбук“ ќе се обиде да предупреди некои од своите американски корисници дека за време на претседателските избори во 2016 година дошле во контакт со руската пропаганда и лажните вести. Во наредните недели компанијата ќе објави алатка со чија помош корисниците ќе можат да проверат дали лајкнале страници или профили што во последните две години биле создадени во Кремљ.

Новата алатка, која би требало да биде поставена под „Help Center“ на „Фејсбук“, ќе можат да ја видат околу 140 милиони корисници што виделе ваква содржина, а ќе биде достапна за мал број корисници поради техничките ограничувања.

 Со овој потег „Фејсбук“ се обидува да ги ублажи критиките што неодамна му биле упатени во американскиот Конгрес. „Сакаме да ги заштитиме нашите платформи и луѓето што ги користат од оние што сакаат да ја уништат демократијата“, стои во објавата на официјалниот блог на компанијата.

Во периодот од две години пред американските претседателски избори во 2016 година околу 29 милиони американски корисници дошле во контакт со содржината што ја произвела Агенцијата за интернет-пребарување, своевидна руска војска на тролови.

Бројката доаѓа до 140 милиони корисници кога ќе се соберат и корисниците на „Инстаграм“, а околу 10 милиони луѓе виделе реклами што во деновите околу изборите ги купиле агенти од Кремљ. Новата алатка нема да може да им помогне на сите што ја виделе содржината, туку само на оние што лајкнувале објави или ги следеле профилите. Од „Фејсбук“ не кажаа колкав е точно бројот на корисници, но се претпоставува дека би можел да биде неколку милионски.

„Голем предизвик е да се идентификуваат и предупредат луѓето што можеби биле изложени на ваква содржина“, вели Колин Стреч, советник во „Фејсбук“. Оваа изјава и вчерашната објава на компанијата се одговор на притисокот на американските парламентарци што го притискаа „Фејсбук“ проактивно да ги информира корисниците што станале жртви на ширење дезинформации од страна на руската кампања.

Демократскиот сенатор Ричард Блументал напиша дека „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“ мора на своите корисници да им кажат дека можеби биле манипулирани од страна на Москва. „Гугл“, „Твитер“ и „Фејсбук“ ветија дека ќе ги засилат нивните мерки против ширење дезинформации за да не се случи нешто слично на идните избори. „Важно е луѓето да сфатат дека странски лица се обидуваа да споделат лажни вести на „Фејсбук“ пред и по изборите во Америка во 2016 година“, стои во објавата на „Фејсбук“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија