Анастасија Стојковиќ го испрати најубавиот ракопис во редакцијата на Факултети.мк.
Вистинска калиграфија, како уметничко дело изгледа песната „Убавите жени“ од Блаже Конески напишана на светловиолетов картон, со црни ракописни букви, украсени со задебелени линии со бордо-боја, збогатени со флорални орнаменти, слични на жито, во стилот на средновековните илуминирани ракописи.
Околу 200 ракописи пристигнаа на нашата адреса по повикот рачно да ја напишете песната од Конески, еден од најголемите изучувачи и познавачи на македонскиот литературен јазик. Вистинско изненадување беше што ракописите во коверти ни пристигнаа во толкав број. Тоа беше и целта, да ве поттикнеме да земете пенкало в рака, да ги одморите тастатурите и заедно да го промовираме ракописното пишување во време на сè поголемата доминација на дигиталната технологија.
Пристигнуваа писма буквално од цела Македонија, не само од градовите, туку и од селата. Дури добивме писма испратени од Србија, од Германија. Најмладиот учесник имаше 8 години, а најстариот, според нашата евиденција, 77 години.
Најмногу од сè нè радуваа ракописите што ни ги испраќаа учениците – основците и средношколците. Под менторство на некои наставници, се случуваше во еден коверт да пристигнат повеќе песни од едно училиште. Честитки за посветените наставници што го организираа тоа.
Во првата група избравме 16 најубави од пристигнатите ракописи. Сите можете да ги видите во галеријата. Идната недела во посебна галерија ќе ги објавиме сите ракописи од ученици.
Им благодариме на сите што ни испратија ракопис.
Тимот на Факултети.мк.
Анастасија Стојковиќ, победник
Сашо Ванчовски, Кичево
Фросина Станковска, Младо Нагоричане, Куманово
Софка Димовска
Јасна Мицаковска
Ѓорѓија Бошевски, 77 години, Скопје
Тамара Митровска, Куманово
Давче Насевски
Костадинка Ефтимова, Виница
Иле Михајловски
Роте Илков, Кочани
Силвaна Буклеска
Цветанка Ацева
Ангелина Шулевска
Анета Трпковска, Скопје
Кристина Чачовска