X
 18.11.2021 Живот

Ризница на македонската историја на литературата, културата и уметноста - 70 години „Современост“

Во скромен амбиент, во услови на пандемија, со околу 30 луѓе во просториите на Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје беа одбележани 70 години постоење на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Овој значаен јубилеј се поклопува со 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кој дал голем придонес за опстојувањето на списанието во континуитет. Во таа чест, редакцијата му го посветува најновиот број на великанот Блаже Конески. Ова специјално издание содржи 35 тематски прилози, 22 прилози поезија и 12 прилози интерпретации.

Како едно од ретките преостанати книжевни списанија кај нас, а кое во минатото било централно книжевно жариште во македонската литература, особено во повоениот приод, и покрај многуте премрежиња, постои седум децении во континуитет, без прекин. Излегуваат 3 или 4 изданија годишно.

Уметноста е игра, но и борба

Според главниот и одговорен уредник, современиот македонски писател Стефан Марковски, кој последните три години е на чело на овој значен „документ“ за македонската уметност, состојбата во која денес го имаме „Современост“ е лоша. Впрочем, последните 30 години се забележува сериозен пад на интересот за овој тип книжевни дела, а Марковски причината, во најголем дел, ја гледа во авторите.

- Денес постои еден растур-систем, од убедувања, очекувања, веќе подолго време се соочуваме со една ситуација кога целата таа интелектуална мисла во уметноста, особено во книжевноста, на некој начин не е вреднувана. Поради тоа, за жал, ваквите настани и јубилеи ги одбележуваме симболично, а не како што треба да бидат - како дел од една уметничка форма. Најпосле уметноста е игра, но и борба - вели Марковски.

Тој додаде дека ова не се случува само во Македонија и дека постои глобален проблем за егзистенцијата на книжевните списанија, а за жал, тој во иднина ќе се зголемува поради напливот на прекумерната дигитализација во оваа сфера.



Наградата „Современост“ му беше врачена на претходниот уредник на списанието, Славчо Ковиловски.

- Без лажна скромност, оваа награда многу ми значи бидејќи сум поминал повеќе години таму. Мојата прва објава беше во 2000 г. Се сеќавам дека ме пречекаа во едни мали сопчиња пренатрупани со книги и списанија. Таму се одржуваа чести и долги разговори. Имав неколку објави, а од 2005 година станав и дел од уредништвото. Имавме многу дружење, често тие средби беа инспирација за некоја песна, расказ, есеј - рече Ковиловски.

Свое обраќање имаше и долгогодишниот новинар, книжевник и уредник Мишо Китановски, кој потенцираше дека „Современост“ е петтиот столб на современата македонска државност, затоа што уште од првиот број сите објавени прилози претставуваат вистинска ризница, отворени страници на кои е испишана македонската историја на литературата, културата и уметноста.

- Пред нас го имаме најновиот број на „ Современост“, посветен на великанот Конески. Според мене, овој примерок е читанка во возвишена смисла на зборот, затоа што од првата до последната страница ќе најдете реченици кои го разбрануваат, го збогатуваат и го величат, во она што се нарекува скромноста на Конески - рече Китановски.
„Современост“ е најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, создадено е во 1951 година.
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот