X
 21.12.2021 Култура

Со концерт во Филхармонија заврши чествувањето на Конески

Со концерт во Филхармонијата вчера заврши манифестацијата со која беше заокружено чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Оркестарот на Филхармонијата изведе концерт инспириран од творештвото на Блаже Конески, во чии рамки беа интерпретирани делата „Молитва“ од Тодор Скаловски и „Записи“ од Томислав Зографски. Оркестрацијата беше на Ангел Спировски, баритон – Горан Начевски.

Во фоајето на Филхармонијата присутните можеа да ја проследат и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Никола Јанкуловски, во своето пригодно обраќање посочи дека ниту еден друг универзитет во светот, освен УКИМ, немал предавач, професор и ректор кој во изминативе децении остварил толкав влог во националната наука, култура и уметност, колкав што е влогот на Конески.

На свечениот собир, омаж за Конески читаа академиците Зузана Тополињска и Влада Урошевиќ, а во вториот дел на собирот беше претставено уметничкото и научното дело на Блаже Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ.

Се работи за 12 тома со целокупните дела на Блаже Конески, а соодветните томови ги претставија професорите Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска.

фото: Министерство за култура


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура