X
 01.12.2017 Технологија

Ербас, Сименс и Ролс-Ројс заедно работат на првиот „еколошки“ авион


Авион
(Фото: Pixabay)


Компаниите „Ербас“, „Сименс“ и „Ролс-Ројс“ се здружија во заеднички проект за создавање хибриден патнички авион кој би користел еден електричен турбомлазен мотор паралелно со три конвенционални на керозин.

Трите компании вчера соопштија дека целта им е да го конструираат авионот „E-Fan X“ до 2020 година.

Ваквата одлука е резултат на напорите да се развие и да се демонстрира нова технологија во авиосообраќајот која во иднина ќе придонесува за намалување на емисијата на јаглероден диоксид и на зависноста од фосилните горива.

Авионот би се засновал на постојниот модел „BAe 146“ со четири мотори кој лета на регионални линии. Хибридната верзија би создавала електрична енергија преку турбините во авионот, која би се користела за придвижување на електричниот турбомлазен мотор.

Ако системот се покаже успешен, би можел да се додаде уште еден електричен мотор, наведуваат компаниите.

Во соопштението се наведува дека произведувачот на авиони „Ербас“ ќе биде задолжен за финално склопување на авионот како функционална целина, со контролен систем и контрола на летањето. Произведувачот на мотори „Ролс-Ројс“ би требало да го направи генераторот, а „Сименс“ – електричниот мотор од два мегавати.

Компаниите исто така нагласуваат дека ја имаат предвид долгорочната цел на Европската Унија за намалување на емисијата на јаглеродниот диоксид во авијацијата за 60 проценти, како и имплементацијата на планот за ограничување на бучавата и загадувањето, кои не можат да се реализираат со постојните технологии.

Постојат и други проекти за хибридни или електрични авиони. Компанијата „Зунум аеро“ од САД соопшти дека работи на електричен авион со 12 седишта за локални летови.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија