X
 29.07.2020 Живот

Новата политика на „Сименс“ за далечинско работење е лекција по емоционална интелигенција за сите нас

Како што светот се соочува со пандемијата, сè повеќе компании се одлучуваат за далечинско работење, односно работа од дома. Најновиот член на клубот е „Сименс“.

Со седиште во Германија, „Сименс“ е една од најголемите компании во светот - членка на „Глобал Форчн 500“ со над 380.000 вработени. Веројатно го знаете „Сименс“ по нејзините уреди, иако компанијата е и лидер во повеќе индустрии, вклучувајќи транспорт, обновлива енергија и медицинска опрема.

На прв поглед, неодамнешната објава на „Сименс“ не изгледа толку возбудливо. Да, компанијата усвојува нов модел што ќе им овозможи на вработените низ светот да работат од било каде што им е удобно, во просек два до три дена во неделата. И да, ова е постојан стандард што се протега надвор од сегашната пандемија.

Но, токму следниот дел од објавата на извршниот директор Роналд Буш навистина го привлекува вниманието:

- Основата за овој перспективен работен дел е понатамошен развој на нашата корпоративна култура. Исто така, овие промени ќе бидат поврзани со различен стил на лидерство, оној што се фокусира на резултатите, наместо на времето поминато во канцеларијата. Ние им веруваме на нашите вработени и ги охрабруваме да ја обликуваат својата работа сами за да постигнат најдобри можни резултати. Со новиот начин на работа, ги мотивираме нашите вработени додека ги подобруваме можностите за перформанси на компанијата, а профилот на „Сименс“ го заоструваме како флексибилен и привлечен работодавач.

rabota
Фото: Freepik

Во изјавата има многу добри работи, но добро би било да се истакнат две точки:

1. Фокусот на резултатите отколку на времето поминато во канцеларијата.

2. Доверба и охрабрување на вработените.

Овие две точки заедно претставуваат сјајна стратегија за управување, заснована врз емоционалната интелигенција, можноста да направите емоциите да работат за вас, наместо против вас. Зошто тие би се покажале непроценливи за секоја компанија?

- Фокусирајте се на исходите. Не часовите. Повеќето компании им плаќаат на своите луѓе врз основа на тоа колку часови минуваат на работа. Но, ова на некој начин е глупаво. На крајот на краиштата, истите тие компании се плаќаат за нивниот резултат: крајниот производ или услуга што ја обезбедуваат, а не количината на време што е потребно за нивно производство.

Но, изјавата на извршниот директор на „Сименс“ поставува нов стандард за лидерите во компанијата. Наместо да се фокусираат на часови, целта е вработените да се фокусираат на резултатите. На крајот на краиштата што е поважно: Фактот дека вашите вработени си ја работат работата и проектот се движи напред или колку часови се потребни за да го направат тоа?

„Нетфликс“ најде успех со слична филозофија. На пример, со својата политика за „неограничен одмор“. „Нетфликс“ не ги следи официјално деновите за платен одмор на вработените. Наместо тоа, компанијата им дозволува на своите луѓе да земаат одмор кога сакаат, сè додека исполнуваат одредени упатства.

Затоа, не го мерете успехот броејќи колку часови работат вашите вработени. Наместо тоа, фокусирајте се на она што го постигнуваат.

- Имајте доверба и охрабрете ги вашите вработени
Сигурно би се запрашале:
- Ако не внимавам на моите вработени, како да знам дека ќе работат напорно?. Сето ова е прашање на доверба. Довербата не значи да се остават вработените, туку да се охрабрат. Компаниите мора да обезбедат околина каде луѓето ќе го имаат потребното за успешно работење.

Тоа вклучува:

1. Менаџери кои покажуваат дека се грижат за своите вработени, издвојувајќи време да ги запознаат и нив и нивните индивидуални околности.

2. Јасна комуникација во однос на обемот на работа.

3. Воспоставување јасни упатства за очекувано време на одговор на мејл или пораки, како и за време на состаноци.

4. Добро тренирање.

5. Слобода на вработените да работат онаму каде им е најудобно и онаму каде што се чувствуваат најпродуктивно, како и слободата да истражуваат идеи, да преземаат ризици и да прават грешки.

6. Пофалби кога работите ќе ги направат онака како што треба.

7. Конструктивни коментари кога работите ќе ги направат погрешно.

Ако не можете да им верувате на вработените, тогаш имате проблем со вработувањето.

Но, ако имате луѓе кои докажале дека си ја работат работата, дајте им ги слободата и поддршката што им се потребни за да ја завршат работата. И тие ќе ја завршат.

Извор: Inc.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот