X
 13.01.2020 Живот

Грета го повика „Сименс“ да се откаже од проектот за изградба на рудник за јаглен

Шведската климатска активистка Грета Тунберг ја повика германската компанија „Сименс“ да се повлече од проектот за изградба на рудник за јаглен во Австралија.

Од „Сименс“ денеска треба да објават дали ќе го градат системот на железничка сигнализација за проектот за изградба на рудник за јаглен на индиската индустриска компанија „Адани“.

- Се чини дека „Сименс“ има моќ да ја запре, одложи или барем прекине изградбата на огромниот рудник за јаглен во Австралија. Да ги притиснеме да ја донесат единствената исправна одлука - напиша Грета на „Твитер“.

Климатските активисти во петокот протестираа пред канцелариите на „Сименс“ во Германија и бараа компанијата да се повлече од проектот.

„Адани“ сака во Квинсленд да изгради еден од најголемите рудници за јаглен во светот, кој би требало годишно да произведува до 60 милиони тони јаглен. „Сименс“ би требало да им го испорача системот на железничка сигнализација од рудникот до терминалот Абот Поинт.

Еколозите со години се бореа против проектот, и тоа не само поради влијанието на јагленот врз климата. Постојат стравувања за потрошувачката на вода, уништување на природните живеалишта и транспорт на јагленот преку загрозениот Голем корален гребен, кој е најголем на светот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот