Стотина ученици од основни и средни училишта од повеќе градови од земјава ќе учествуваат на Државното првенство во шах, што се одржува во Приватната гимназија „Алгоритам“ во Скопје. Првенството го организира Федерацијата на училиштен спорт на Македонија.
Ученици од Скопје, Битола, Ресен, Охрид, Велес, Куманово ќе си ги измерат силите во играње шах. Професорката по физичко образование во „Алгоритам“, Маријана Кочовска е координатор на натпреварот, кој во моментов се одвива.
- Децата ќе се натпреваруваат во неколку категории, посебно во машка и во женска конкуренција. Најмалиот учесник има 8 години. Од нашата гимназија учествуваат четири ученици – нагласи Кочовска.
Натпреварот го отворија директорката на „Алгоритам“, Марина Божинова и генералниот секретар на Федерацијата на училиштен спорт, Герман Боглев.
Ген.секретар на Федерацијата, Герман Боглев и директорката на „Алгоритам“, Марина Божинова
Најдобрите учесници на Државното првенство ќе добијат медали и дипломи, а првите места од основците и од средношколците ќе добијат и награда летен камп во Охрид.
Државното првенство во шах секоја година се одржува во различни училишта и градови.