X
 01.12.2017 Наука

Вулканите се многу поголема закана за човештвото отколку што се мисли!


Вулканска ерупција
(Фото: Thinkstock)


Поради сè почестите ерупции, вулканите претставуваат многу посериозна закана за човештвото отколку што се сметаше порано, предупредуваат научниците од Велика Британија.

Анализирајќи ја вулканската активност во претходните 100.000 години, истражувачите од Универзитетот во Бристол направиле хронологија на суперерупции кои можат да произведат околу 1.000 гигатони лава.

Вулканот Јелоустон во американската држава Вајоминг е означен како супервулкан чија ерупција би можела целосно да ја измени постојната клима на Земјата. Во студијата на бристолските научници се наведува дека катастрофалните ерупции се случуваат на секои 17.000 години.

„Во претходната анализа од 2004 година пишуваше дека ваквите ерупции се случуваат на секои 45 или повеќе илјади години. Сега тоа е драстично променето“, вели Џонатан Руџер, еден од истражувачите.

Последните две суперерупции се случиле пред 30 и 20 илјади години.

„Сме имале среќа што ниту една ерупција не се случила оттогаш. Но важно е и тоа да го цениме. Природата не е секогаш прецизна, па треба да бидеме внимателни затоа што заканата секогаш постои“, додава тој.

Уште во 2014 година научниците од САД предупредиле дека вулканот во Јелоустон „врие“, а во случај на негова ерупција, сите градови во радиус од 300 милји целосно би биле прекриени со вулканска пепел до колената.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука