X
 25.01.2018 Наука

Аерозагадувањето е најголемата закана за здравјето на човекот

Аерозагадувањето е невидлив убиец. Светската здравствена организација утврдува дека 7 милиони случаи на прерана смрт, на годишно ниво, се поврзуваат со загадувањето на воздухот. Во САД умираат од 7.500 до 52.000 луѓе секоја година поради изложеност на мали честички кои произлегуваат од емисиите на штетните гасови. Според Индексот за ефикасност на животната средина од 2018 година, аерозагадувањето претставува најголемата закана за човековото здравје.


На ова тврдење работеле научници од „Јејл“ и „Колумбија“, во соработка со Светскиот економски форум. Рангирани биле 180 земји врз основа на 24 индикатори за ефикасност на средината, во 10 категории, во чиј центар биле здравјето и виталноста на екосистемот. На врвот е Швајцарија, потоа Франција, Данска, Малта и Шведска. На дното на листата се Индија, Бангладеш, Бурунди, Конго и Непал. САД се на 27. место на листата, со добри резултати во однос на квалитетот на воздухот, но лоши во однос на пошумувањето и емисиите на штетни гасови.

Научниците предупредуваат дека е потребно да се искористат ресурсите за инвестирање во инфраструктура и внимателен менаџмент на индустријализацијата и урбанизмот, кои може да доведат до загадување. Ваквите студии и истражувања посочуваат кон политиките што треба да се спроведат и ги евалуираат потребите и недостигот на квалитет во напорите за одржливост, но и покажуваат кои мерки функционираат. Се смета дека аерозагадувањето треба да биде истакнато на многу посериозно ниво.

Аерозагадувањето е поврзано директно со раниот развој на мозокот. Може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај луѓето, а како што расте човечката популација во светот, можно е состојбата само да се влоши доколку набрзо не се преземат драстични мерки. Научниците сметаат дека со нивните истражувања и докази ќе успеат да влијаат врз владите низ светот и засегнатите страни за да се работи на заштита на луѓето од опасната реалност во која живееме.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука