X
 20.07.2018 Образование

Како на децата да им ја објасните разликата меѓу еднаквост и праведност?

Децата се паметни, љубопитни и приспособливи и со голема леснотија можат да научат предизвикувачки концепти ако се употребат правилни наставни методи.

Неодамна еден наставник на социјалните мрежи го сподели својот метод на предавање и како ги учи децата што е еднаквост, а што праведност.

Оваа фотографија беше објавена на социјалните мрежи, а со неа се објаснува разликата меѓу еднаквоста и праведноста.

Фото: Bored Panda

А ова е текстот на наставникот.

„Ова е нешто на што ги учам моите ученици во текот на првата недела од школската година и тие го сфаќаат. Децата на 8-годишна возраст можат да го разберат ова и сѐ што е потребно е кутија фластери.

На сите ученици им велам да се преправаат дека се повредени и дека им треба фластер. Децата обожаваат фластери. Го прашувам првото каде е повредено. Ако ми рече на прстот, му ставам фластер на прстот. Потоа го прашувам второто каде е повредено. Без разлика што ќе каже детето, јас му ставам фластер на прстот, исто како на првото дете. Тоа го правам цел час. Без разлика каде ќе кажат дека се повредени, го правам истото нешто како со првото дете.

Откако на сите ќе им ставам фластер на истото место, прашувам дали тоа му помогна на некој освен на првото дете. Им велам: „Па, јас ви помогнав на сите еднакво! Сите имате по еден фластер!“ И тие ќе се обидат да ме натераат да сфатам дека биле повредени на друго место. Тогаш се правам дека ги сфаќам. Потоа им објаснувам: „Може да има моменти во текот на оваа година кога некои од вас ќе добијат различни нешта затоа што имате различни потреби, исто како што на сите ви требаше фластер на различно место“.

Ако некогаш некој од моите ученици праша зошто некој друг има различна задача или е исфрлен од часот за нешто, или добива друг наставник да му помогне во текот на годината, само ги потсетувам учениците на фластерите што ги добиле на почетокот од годината и тие прекинуваат да се жалат. Затоа 8-годишните деца можат да разберат што е праведност.“

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование