Вчера на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола се одржа дебата на тема „Членството во НАТО како гаранција за сигурна иднина на младите“. Пред академскиот аудиториум во Битола проректорот на УКЛО, професорот д-р Марјан Ѓуровски, истакна дека НАТО е предворје за ЕУ, цивилизациска придобивка, чест и привилегија, но и обврска. Членството во НАТО ќе го означи крајот на повеќедецениската македонска транзиција.
Целосната интеграција во НАТО ќе ги зајакне безбедноста и суверенитетот на Република Македонија. Членството е придобивка, но и обврска. Најважно е Република Македонија да продолжи на својот пат кон реформите за одбранбената адаптација, за домашните реформи, особено владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и другите преземени обврски на исполнување на стандардите во Армијата и подобрување на професионалниот и животен стандард на вработените во Армијата. Членството во НАТО не е крај на патувањето за Република Северна Македонија, туку почеток на нов маратон за Европската Унија, нагласи Ѓуровски. На дебатата во Битола тој посочи дека членството во НАТО може да овозможи справување со заканите од трети земји.
Развојот на капацитетите и размената на информациите овозможуваат справување со заканите. Државите од Западен Балкан, покрај заедничките проблеми, имаат и заеднички интереси и затоа, рече Ѓуровски, не треба да се дозволи статус кво на Балканот, бидејќи ќе создаде можност трети земји да остварат влијание во регионот. Академскиот настан во Битола се одржа со цел студентите да бидат запознаени со придобивките од евроатлантските интеграции и зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО.
Дебатата со проректорот Ѓуровски се одржа во рамките на НАТО карванот кој поминува низ повеќе градови во земјава во организација на Инфо-центарот за евроатлантски интеграции, Граѓанската асоцијација МОСТ, Секторот за јавна дипломатија на НАТО, Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, британска амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на РСМ.